Воздухот наш насушен

Човештвото подолг период води битка со последиците на своето постоење. Засега во водство се последиците
Објавено на 10 јануари 2015 година

Загадувањето на човековата околина е цена која мора да се плати за напредокот на цивилизацијата. Ова сосема погрешно размислување долго време беше пречка општеството да застане на страната на природата во зачувувањето на еколошката рамнотежа. Освестувањето беше болно, но неопходно и за среќа не премногу задоцнето. Вистинското толкување на значењето на зборот „живот“ започна масовно да се шири со развојот на средствата за масовна комуникација, пред сé телевизијата и печатените медиуми кои глобално ги пренесуваа вестите од еколошките катастрофи предизвикани од човекот. За жал, до некои ќошиња на земјината топка сé уште нема допрено гласот на совеста и некои од нациите, вклучително и ние, продолжуваме без многу грижи да живееме така како што живееме, очекувајќи природата сама да се погрижи за себе.

Битката со последиците од нашето постоење не треба да биде фронтовска, туку треба да се елиминираат причините за загадувањето. Оваа битка е долготрајна и исцрпувачка и со офанзива ништо нема да се постигне - само ќе се истрошат силите. Клучно за победа во неа е сеопфатноста и бавното и систематско напредување на сите полиња: индустријата, сообраќајот, модерниот начин на живеење… Нас нé интересира она што е на тркала, она што загадувањето ни го донесува пред нос. Во тој поглед светот, пред сé Европа, има отидено многу напред, но не и ние. Ако до пред некоја година ситуацијата со квалитетот на воздухот во Македонија не беше загрижувачка, таа сега е алармантна најмногу заради две причини: заострувањето на нормите кои покажуваат колку воздухот ни е загаден и значителното зголемување на сообраќајот во урбаните средини.

 Старите возила загадуваат и до десетици пати повеќе отколку новите и потребно е да се стимулира нивната замена со понови или поеколошки

Во врска со првото доволно е да изнесеме само еден факт - до пред околу две децении, прекумерно загадување најмногу денови во годината од цела Европа имаа швајцарските градови. Причината за тоа беше што Швајцарците имаа најстроги норми. Второто, пак, беше очекувано - кога се либерализираше увозот на возила стари и по повеќе од една деценија, сите предупредуваа на тоа. Тврдењата дека овие возила ќе ги заменат уште постарите и понееколошки автомобили што ги поседувавме дотогаш, со што всушност ќе влијаат за намалување на аерозагадувањето, не се покажаа сосема точни затоа што од една страна вкупниот број на возила драстично се зголеми, а од друга новоувезените возила се возат повеќе отколку старите.

Сега веќе е на повидок заострување на прописите за увоз, што е првиот чекор за справување со загадувањето на воздухот што го дишеме предизвикано од сообраќајот. Потешкиот дел ќе биде што да се прави со возилата кои веќе се на нашите улици. Решенија од типот на привремени забрани за движење во одредени периоди и одредени зони се само средство да се спречи влошување на состојбата со квалитетот на воздухот. Истиот ефект ќе го има и примената на хемикалии за неутрализирање на штетните состојки во издувните гасови, како и било кое друго краткорочно решение кое се занимава со последиците, а не причините за загадувањето. За тоа треба да се презедат долгорочни зафати, плански и прецизно обмислени.

  Без ваков филтер старите возила во Германија не можат да се движат по градските улици

Еден од нив е во јавноста официјално споменуваното вградување катализатори на старите возила. Иако реално има потреба од тоа, вака срочено ова звучи премногу општо и сомничаво во однос на резултатите што би се постигнале. Потребни се и малку потемелни анализи околу исплатливоста во однос на вложените пари, бидејќи дополнителното вградување на системи за третман на издувните гасови не е универзално решлива работа. Тоа зависи од типот на возилото и неговиот мотор, негова а старост односно нормите кои како ново ги исполнувало, техничката состојба во која се наоѓа и, најважното, неговата вредност - неретко е поисплатливо старо и дотраено возило да заврши на отпад и да се набави поново, посовремено и помалку истрошено отколку тоа да се приспособува да загадува помалку.

Од истите причини треба да се воведат и дестимулирачки мерки за користењето на возилата. Откако ќе се класифицираат во зависност од тоа колкави загадувачи се, да се воведе систем за нивно скалесто оданочување - еколошка такса (но не како сега, со симболични износи), а на најголемите загадувачи трајно да им се забрани движењето во најзагрозените подрачја. Сепак, треба да се имаат предвид и економските импликации од ваквите непопуларни мерки, бидејќи никој од нас не седнува во автомобил за да се повози малку - секој тргнува некаде со намера да заврши некоја работа, приватна или службена. Ограничувањето во тоа ќе доведе до намалување на продуктивноста и зголемување на трошоците. Заради тоа, средствата собрани од еколошките такси треба наменски да се користат за субвенционирање на набавка на нови поеколошки и конверзија на старите возила за да загадуваат помалку.

  Техничката исправност на возилата е битна за загадувањето исто колку и нивната старост

Државата треба да го заостри и унапреди контролирањето на исправноста на возилата, бидејќи колку што е важно кои еколошки норми задоволува едно возило, толку е и неговата состојба, односно техничката исправност. А тоа е сопка на која сите паѓаме - кога купуваме автомобил, нов или стар сеедно, најмалку мислиме дали имаме доволно пари редовно да го сервисираме, па после тоа едвај имаме толку колку да го одржиме во возна состојба. Ако на тоа дали е безбеден за возење и по малку мислиме, воопшто не размислуваме дали тој загадува или не. Тука не треба да има толеранција - сите возила и нивните системи мора да бидат максимално исправни и редовно и исправно одржувани. Во спротивно, не би требало да им се дозволи да учествуваат во сообраќајот.

Како дополнување на ваквото поставување на работите треба да се размислува и за обезбедување бесплатен градски превоз за сите оние што ќе се откажат од својот истрошен автомобил. Во замена за него, државата може на сопствениците и членовите на нивните семејства за одреден период да им обезбеди годишни автобуски билети. Кога сме кај автобусите, жолтите ленти наменети за нив треба да се вратат во функција и како мерка за поефикасно користење на автомобилите да им се дозволи во шпицовите по нив да се движат и возила на пример со најмалку три патника. Во функција треба да се стават и велосипедските патеки и тротоарите, паралелно со преземањето активности за безбедно движење на велосипедистите и пешаците по нив.

  На патиштата во западните земји постојат сообраќајни ленти резервирани само за еколошките и возилата со повеќе патници во нив

На автобусите и сите возила (за дистрибуција на стоки, такси возилата, разни служби и слично) кои дневно по улиците поминуваат поголем број километри треба да им се посвети поголемо внимание. За нив треба да важат построги правила, но и да постојат поголеми бенефиции за оние кои ќе набават и користат поеколошки возила - електрични, хибридни, со погон на био или алтернативни горива. А токму во горивата лежи и најголемиот потенцијал за справување со загадувањето на воздухот - со примена на почисти и поеколошки горива најбргу и најефикасно ќе се влијае на количината штетни материи во издувните гасови на возилата.

Според не така актуелните податоци на Обединетите Нации, транспортот учествува во загадувањето на воздухот со околу дваесеттина отсто. Кај нас овој процент е помал, што не е причина за занемарување на проблемот. Ја имаме таа „среќа“ да не сме толку моторизирани како развиените земји и треба да го искористиме тоа - кај нив проблемот е далеку, далеку поголем и покрај нивната значително поголема економска моќ, потешко и поболно се решава. Ние можеме да учиме од нивните грешки и да бираме кои од нивните искуства се најефикасни за примена во нашите услови. Да ја искористиме таа предност додека имаме уште шанси за тоа!

клучни зборови: Македонија

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 22 Епизода 34

    повеќе

Видео на денот

  • Aurus 41231SB Кортеж

    Претседателската лимузина на Путин

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 71,50
еуросупер 98 73,50
еуродизел Д5 63,00
биодизел Б6 63,50
течен нафтен гас 31,50
метан 33,00

Фото галерии