VinFast

VinFast, новиот змеј на автомобилската индустрија

VinFast е првиот виетнамски производител на автомобили. Тој исто така е најбрзорастечка компанија во светската автомобилска индустрија, невиден глобален финансиски проект. AutoBest има неверојатна приказна, директно од самото место, како светска премиера!
Објавено на 11 септември 2018 година
Дан Варди, Ханој, Виетнам

AutoBest иницираше и реализираше исклучителна идеја за пристап до срцето на „империјата“ VinGroup. Ова е прв пат меѓународните медиуми да имаат пристап до VinFast! Ако за многумина од нас - Европејци или Американци, сеедно - името на најважната приватна економска група во Виетнам е апсолутно непознато, за земјите од Југоисточна Азија VinGroup претставува нешто големо…

Приказната започнува пред 25 години кога еден млад виетнамски дипломец од московскиот геолошки истражувачки институт замина со автомобил од марката Lada на своето легендарно патување во Украина. Таму младиот геолог Фам Нат Вуонг основаше компанија за брза храна со дехидрирана оризова паста. Можеби е тешко некои да поверуваат, но во 2009 година гигантот од светот на храната Nestle му плати 150 милиони долари за неговата компанија! Со овие пари тој се врати во Виетнам, каде што ги зацврсти темелите на бизнисот основан во 2001 година во областа на туризмот и угостителството, што отсекогаш функционирал многу добро. До минатата година VinGroup експоненцијално се развиваше во областа на недвижностите со неколку категории проекти во станбените и забавните објекти, тематските и забавни паркови, малопродажбата во супер и хипермаркети, трговските центри, образованието, здравството и земјоделството. Минатата година на 2 септември беа поставени темелите на VinFast, првиот производител на автомобили од Виетнам, а оваа година на почетокот на летото тој ја основа VinSmart, компанијата која ќе се фокусира на иднината базирана на ИТ и новите технологии, нови дигитални производи и авангардни материјали.

 VinFast VinFast е прв големосериски производителот на автомобили од Виетнам кој за година ипол треба да започен со продажба на своите возила

За оние на кои им се потребни бројки за да поверуваат ќе кажеме дека во 2018 година групата на г-дин Фам имаше имот во вредност од повеќе од 32 милијарди долари. Како некој што имал шанса да види дел од најпознатите инвестиции на VinGroup, зборот што ми паѓа на ум е - баснословно! Групата има над 1.500 VinMart продавници, 56 трговски центри и има продадено повеќе од 14.000 станови. Прометот на VinGroup во минатата година беше скоро 4 милијарди долари со бруто профит кој надминуваше милијарда долари. Forbs го проценува личното богатство на г-дин Фам на над 6,8 милијарди долари, што го прави првиот виетнамски милијардер во историјата. А сега, неговото богатство има двоцифрена стапка на раст годишно!

Џејмс де Лука, извршниот директор на VinFast, американски државјанин кој беше долгогодишен директор во GM и кој со децении работи во автомобилската индустрија на многу глобални функции, беше поканет од претседателот Фам да се откаже од пензијата и да го предводи новиот автомобилски проект, нешто дотогаш невидено. „Сигурно сум бил скептичен на прв момент, видов многу во мојот живот… Но она што го најдов тука како да истрча од некоја имагинација“, рече Де Лука развеселен. Виетнамците поставија цел во рок од 24 месеци по започнувањето на проектот од нула, односно без ништо - фабрика, проекти, вработени, да се лансираат на пазарот првите два модела произведени во сопствена фабрика, во која за една година отсега ќе работат околу 5.000 луѓе. Г-ѓа Ле Ти Ту Туј, вицепретседател на VinGroup и претседател на VinFast, би рекла дека нејзината земја е една од најнемоторизираните во регионот со само 23 автомобили на 1.000 жители,  VinFast а пазарот за нови автомобили е многу мал - едвај 300.000 примероци годишно се продаваат на население од 96 милиони.


Фабриката на VinFast се простира на 335 хекатри земјиште, од кои една третина беа одземени од морето. Сега таму се неколку фабрички хали во различни фази на опремување, во кои ќе работат 1.400 роботи и 5.000 луѓе

 VinFast

„Тоа е инвестиција од речиси 3,5 милијарди долари“, призна г-ѓа Туј на прашањето на AutoBest. Со вакви пропорции, тоа е можеби финансиски најподготвена нова компанија во светската автомобилска индустрија во последните 10 години! Ако сакаме да направиме директна споредба, само Lynk & Co. може да се спореди, но предноста на Кинезите е Geely групата на која припаѓаат, која има многу марки на автомобили вклучувајќи ги Volvo, London Taxi и Lotus, додека овој бизнис започна од нула. Де Лука пак ни кажа дека фабриката во Хаи Фонг е раширена на површина од 335 хектари, од кои 120 буквално биле „земени“ од водата: „На местото каде што сме сега на 25 јануари 2018 година беше морето. Сега тоа исчезна и наместо него може да видите неколку погони за производство во различни фази на опремување“, им рече Де Лука на зачудените претставници на меѓународните медиуми. За да бидат сигурни и дека погоните ќе останат тука, изградени се бетонски столбови кои се спуштаат 35-40 метри во длабочината, директно на каменото тло на поранешно големо море. Брзината на шесте илјади виетнамски градежни работници вклучени во овој проект - според сите европски стандарди - попрво е чудо отколку можна реалност.

Фабриката на VinFast стартен капацитет за 250.000 возила годишно Посетивме 3 од 6-те погони каде наидовме на големи површини кои ќе го генерираат планирано производство од 250.000 единици годишно. Директорите на VinFast потврдија дека во втората фаза на проектот, до 2025 година, очекуваат пораст на производството на 500.000 единици годишно. Австралијанецот Шон Калверт кој е уште еден поранешен директор од GM кој работеше во Opel до купувањето од PSA, сега е директорот за производство на компанијата, човекот кој знае сè што се случува на огромната територија на фабриката. „Ги подготвуваме идните вработени со помош на Eckert училиштето во Минхен, бидејќи тука од таа област нема квалификувана работна сила. Ќе имаме 1.400 роботи и 1.200 автономни возила за транспорт на компонентите и склоповите меѓу производствените хали кои ќе обезбедат многу висок степен на автоматизација неопходен за да се обезбеди квалитетот на производите на највисоко ниво во светот“. На пример, дознавме дека во 20.000 квадратни метри големата лакирница, со цел за остварување на 38 задачи на час, 56 роботи се користат за лакирање и 23 за поставување на каблите. „Нашата цел е да станеме лидер во Југоисточна Азија во смисла на квалитетот на бојата на автомобилите“.Лимаријата ќе ја пресуваат и заваруваат 200 роботи на ABB - направивме слика од тоа на задоволство на нашите домаќини, горди што можеа да ни овозможат таква ретка можност. Погонот за монтажа има 200.000 квадратни метри и ќе го има истиот капацитет од 38 автомобили на час во 3 смени.

 VinFast

 VinFast Првите два модела на VinFast се од премиум класата креирани од странски експерти со врвен квалитет

Исто така, директорите на VinFast инсистираат на нивниот сопствен систем за квалитет наречен VES-VinFast систем за извонредност. Калверт вели: „Секој производител има свој систем за квалитет кој го вклучува искуството, но исто така и долгата традиција во производството со културните елементи специфични за секоја нација. VES нè претставува нас, без преземање ништо од другите“. Калверт објасни дека има голема предност да се започне од нула со меѓународен тим на специјалисти кои работеле во различни авто-компании: „Ги собрав искуствата и стручноста на сите, ги отстранивме слабостите и ги стандардизиравме новите методи“. Брзината со која VES е поставен е толку висока колку целата проекција. 70 хектари беа резервирани за добавувачите кои ќе следат - меѓу првите кои потпишаа се Bosch, Lear, Dürr и ZF.

Првите два модела, седан и SUV, се направени врз основа на платформа купена од BMW. „Ние потпишавме договор кој ни дава пристап до патентите и know-how технологиите за производствениот процес“, објасни Де Лука. Директорите на VinFast одбија да ни кажат кои од платформите на BMW Group се купени, AutoBest откри дека тоа се оние што се користат за серијата 5 и за X5. Всушност, првите два модела најавени за продажба за третиот квартал 2019 се два врвни автомобила кои ја користат оваа германска технологија. Според овој договор, BMW го понудил K20 моторот од 2,0 литри на кој специјалисти на AVL работеа за да го поедностават без да ги загрозат перформансите и особено потрошувачката и емисиите. „Фактот дека успеавме да го поедноставиме моторот со задржување на истите перформанси ни го донесе германското восхитување“, рече еден од директорите кои сакаа да останат анонимни. Тој на почетокот ќе има две различни верзии, со 175 и 230 KS. „Признаваме дека не мислевме на дизел, бидејќи на виетнамскиот и пазарите во Азија навистина не се користат дизел мотори за автомобилите“, вели потпретседателот за инженеринг Кевин Фишер, човекот задолжен за истражување и развој. „Иако засега немаме најавено електрифицирана верзија, платформата ни овозможува да ја направиме и оваа еволуција која ќе пристигне во вистинско време“, додаде Фишер на прашањето AutoBest.

 VinFast

 VinFast Седанот и кросоверот на VinFast се дизајнирани од страна на италијанските мајстори

Дејвид Лион, потпретседателот задолжен за дизајн во VinFast - уште еден американски ветеран кој работел во GM, тесно соработуваше со Pininfarina во дизајнирањето на првите два автомобила. „Ги следевме истите чекори на валидација како и секој друг производител во индустријата. Единствената разлика беше во тоа што целиот процес траеше само неколку месеци наместо години“. Покрај Pininfarina, и ItalDesign, подобро познат како Giugiaro, исто така е наведен како концептуален дизајн партнер.

На 1 јануари годинава првите модели од глина беа подготвени за анализира. По само 2 месеца, на 5 март, дизајнерите го направија вториот и последниот осврт на дизајнот на автомобилите, бидејќи целиот процес заврши на 4 мај, кога финалниот дизајн на автомобилот беше замрзнат од тимот на дизајнерите на VinFast. „Во овој момент имаме два модела, седан со пет и SUV со седум седишта кои се направени во Европа за да бидат претставени на салонот на автомобилите во Париз во октомври. Тоа ќе биде апсолутна премиера за VinFast, кој ќе се појави на светската автомобилската сцена“. Исто така, откривме дека во моментов во Европа и Виетнам се тестираат најмалку 160 маскирани прототипи.

Лион многу го нагласи и Human Machine Interface концептот на VinFast, кој ќе биде еден од силните аргументи на новиот бренд. „Големиот 10-инчен екран чувствителен на допир на централната конзола може да се подели на две области нагоре/надолу, според желбите на возачот. Темите на дизајнот на екранот се инспирирани од најубавите пејзажи на Виетнам, со цел да му понудат посебен идентитет на целиот систем“. На скиците што ни беа прикажани можевме да видиме дека дизајнот изгледа сличен на оној што го користи Volvo, но Лион инсистираше на тоа дека тие не следат никакви сличности со шведскиот дизајн.  VinFastОсвен 10-инчниот екран, има и уште 7-инчен екран за кластерот. Очигледни беше и дека сите современи технологии, вклучувајќи Android Auto и Apple CarPlay, се имплементирани.


Во процесот на производство на возилата ќе се користи сопствен систем за квалитет наречен VES-VinFast

 VinFast

Набрзо откако двата автомобила ќе бидат лансирани (продажбата ќе им започне во првиот квартал во 2020-тата), VinFast ќе понуди уште два други модела - градски автомобил кој ќе биде направен на платформата на Chevrolet Spark набавена од GM, како и компактен електромобил со технологија развиена од VinFast и EDAG. Фишер ни кажа дека градскиот автомобил ќе биде задвижуван од трицилиндричен мотор од GM, но одби да ни каже нешто за електричното возило. „За електромобилот нема да користиме од новите Solid State, туку литиум-јонски батерии. Но, не можам да ви дадам какви било детали во врска со автономијата, времето на полнење или со кого работиме на тоа“. Од наша гледна точка, овие автомобили ќе бидат прикажани следната година на салонот на автомобили во Женева, ако не стигнат за оваа година во Париз.

Се работи и на стратегиите за маркетинг и продажба. „Сакавме да стартуваме со само два големи премиум модела со цел да ги покажеме нашите способности и да покажеме дека не сме само нова компанија од третиот свет“, според де Лука. Изјавата на американскиот директор расчистува со недоразбирањата зошто VinFast избра да влезе на пазарот со големи модели иако е логично тоа да се направи со мали автомобили. За почеток, VinFast ќе ги фокусира своите напори на виетнамскиот пазар, кој е практично празен. AutoBest проценува дека на пазар како Виетнам, без ниту еден национален производител, четирите VinFast модели во првата целосна година на продажба ќе постигнат пазарен удел од околу 30-35%. Но, според г-ѓа Туј тоа е само за почеток: „Имаме многу поголеми амбиции за виетнамскиот пазар…“. Де Лука признава дека првичното производството ќе биде подеднакво 50-50 поделено помеѓу двата модела, но подоцна пазарот ќе одлучи за соодносот. Бидете сигурни дека ќе бидеме подготвени ако виетнамскиот пазар сака повеќе градски автомобили. Производствената линија е флексибилна, ќе го произведуваме она што знаеме дека можеме да го продадеме“.

 VinFast Набргу после првите два премиум модела базирани на технологиите на BMW ќе следат уште два - мал градски автомобил и електрично возило

Малку е рано да се зборува за позиционирање на пазарот во сегментот на електрични и градски автомобили, но AutoBest успеа да дознае дека седанот ќе се позиционира под Toyota Camry и Mazda6, кои се сметаат за главни конкуренти на овој автомобил. Кросоверот пак ќе биде сместен меѓу Toyota 4Runner (кој е мешавина на пикап и SUV и моментално не е во продажба во Европа) и Mazda CX5. Вреди да се спомене дека владата на Виетнам наметнува 70% давачки за сите увезени автомобили, со исклучок на автомобилите произведени во ASEAN областа, кои се ослободени од давачки од 1 јануари 2018 година.

Така, VinFast ќе влезе во многу конкурентен пазар каде што владата веќе не нуди заштита за националните производители. И покрај тоа, директорите ни кажаа дека локалното производство на автомобили ќе им овозможи да имаат побрза реакција на потребите на потрошувачите - на странски модел нарачан од клиент времето за испорака изнесува 5 месеци, но VinFast ќе го испорача за само 2 месеца, по поконкурентна цена. Сите синергии во рамките на VinGroup ќе бидат искористени за да се постигне високо ниво на свест и продажба. Додека буквално нема локална конкуренција, националното чувство, најверојатно, ќе игра важна улога во комерцијалниот успех на VinFast.

VinFast е виетнамска автомобилска ѕвезда во издигнување за која светот допрва ќе слуша Но, претседателот Фам планира да го трансформира VinFast во глобален бренд. Уште не знаеме колку долго автомобилите ќе продаваат само во Виетнам, но многу е веројатно дека од 2021 година VinFast ќе почне да ги извезува своите автомобили во земјите од ASEAN групата, вклучувајќи ја и Кина - можеби најголемиот и најконкурентен пазар за виетнамскиот производител. Тешко е да се поверува дека VinFast ќе биде добро прифатен од Јапонците и Корејците, но тие се надеваат дека ќе победат со аргументите кои го дефинираат младиот бренд - германскиот инженеринг, италијанскиот дизајн, врвниот квалитет и одлично ниво на завршна обработка. Сметаме дека и цената исто така ќе игра важна улога, иако сите кинески производители се екстремно конкурентни. Некои проценки велат дека почетната цена на седанот ќе биде околу 13.000 долари, но нашите домаќини не сакаа да дадат детали за тоа, тврдејќи дека е малку рано да се зборува на таа тема. А цените пак по кои овие автомобили ќе бидат продавани на другите континенти - зошто не и во Европа - допрва треба да се видат. Ние исто така сме љубопитни и за нивното однесување во возењето, но сé додека тие се направени на платформа на BMW не веруваме дека ќе ни приредат било какви изненадувања.

 VinFast Екипата на AutoBest е првата меѓународна група новинари која донесе неверојатна приказна директно од самото место - од срцето на „империјата“ VinGroup

Покрај секоја друга прогноза што можеме да ја замислиме денес, видовме некои чудесни работи за време на нашето патување во Виетнам. Сведоци сме на раѓањето на првокласна ѕвезда во глобалниот автомобилски универзум. Иако зборот start-up е технички точен кога зборуваме за оваа компанија, мораме да кажеме дека VinFast е многу, многу повеќе. Не само затоа што е финансиски поддржан на начин кој ќе го направи дури и Елон Маск љубоморен, туку затоа што има визија, мисија, план, и, што е уште поважно, луѓе кои се подготвени да ги извршат сите овие работи. И зад сè и секој нов потфат на VinGroup наоѓаме визионер со неверојатна решителност, кој е - ја претпоставуваме споредбата - виетнамски Ли Шуфу.

клучни зборови: ексклузивно, AutoBest, VinFast

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 23 Епизода 5

    повеќе

Видео на денот

  • BMW X7

    Ново ниво баварски луксуз

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 67,00
еуросупер 98 69,00
еуродизел Д5 64,50
биодизел Б6 65,00
течен нафтен гас 35,50
метан 39,50

Фото галерии

  • Bugatti Divo

    Изгледа спектакуларно!

    повеќе