Renault Twingo

Голем во светот на малите

Многумина од нас со задоволство би посакале новото француско петле да закукурика и во нивниот двор
Објавено на 17 август 2015 година
автор: Зоран Коцев

Беше тоа 1992 година кога Renault го претстави првиот Twingo. На повидок беше модел кој со само еден мотор, скромна опрема и ограничен број опции требаше да отвори ново поглавје во историја на марката. Дека успеа знаеме, а како и ден-денес многумина се прашуваат. Но, одговорот не треба да се бара подалеку од самиот модел - мал и симпатичен, Twingo просто зрачеше со неприкосновена харизма и привлечност. Затоа и опстана 15 години на пазарот и без некои поголеми дизајнерски и механички измени освои 2,4 милиони купувачи. Вториот Twingo го покажа целото умеење на Французите во правењето на мали автомобили, но во споредба со првиот имаше недостаток од уникатен персоналитет и беше само одличен мал автомобил кој не можеше да го износи бремето на популарноста и вечноста на претходникот. Затоа пак третата генерација на малото галско петле е нешто сосема поинакво, она вистинското, би рекле ние кои ја трошиме петтата деценија од животот и на кои во младоста националниот Фиќо ни предизвикуваше страст и емоции. Сега со новиот Twingo повторно сме во можност да го доживееме истото.

 Opel Meriva

 Renault Twingo Со малиот Twingo, Renault ја најави новата дизајнерска ера на своите модели

Третата генерација на прагматичниот французин дебитираше лани во Женева. Настаната како плод на соработката со Daimler, има пет врати и назад сместен мотор, што беше условено од барањата на партнерот за кој Renault во својата фабрика во Словенија го произведува неговиот полубрат-близнак Smart ForFour. Идејата за тоа какви ќе бидат новите Twingo и Smart се крчкаше четири години, со активно и еднакво учество на двете страни во развојот на возилата. Проектот Edison под кој се развиваа понатаму предвидуваше Renault да се специјализира за моторите, а Daimler за трансмисијата, со што се заокружуваше заедничкиот дел - за изгледот секој си се грижеше сам за себе. Во име на Renault тоа го направи Лоренс ван ден Акер со неговиот „циклус на животот“ дизајнерски стил.

Моторот сместен во задниот дел не е само оригинален концепт кој привлекува внимание - придобивките од тоа се значајниНовиот Twingo е за десетина сантиметри пократок од претходниот (долг е точно 3,6 метри), но шемата со мотор сместен назад е заслужна зошто тоа не се забележува во внатрешноста. Истата конструктивна особеност значително ја подобрува и маневрибилноста, но го редуцира просторот за багаж на 219 литри, кои со соборување на задната клупа ќе нараснат на 980 литри. Ослонувањето напред е стандардно макферсон, а назад е изведено со ретко применетото, но во некои нешта напредно решение на Де Дион. Затоа и чуди што конструкторите на Twingo му наменија архаични барабан сопирачки за задните тркала, иако немаме голема забелешка на нивното функционирање. Во однос на погонската група нашиот личен афинитет тежнее кон повеќе сила во моторот, кој петстепената трансмисијата ве тера да го возите економично, да не кажеме мрзеливо. При секое поздраво притискање на педалата за гас малиот турбо мотор бара соодветно придружена реакција со менувачот за да се истера максимум од него - понекогаш и два степена нанадолу. На Renault (односно Daimler) топло препорачуваме да не се двоумат многу околу вградувањето шестстепен менувач со пократко пресметани односи, повторно според нашиот вкус - оние кои на Twingo ќе гледаат само како на мал модерен градски автомобил во целост ќе ја доживеат страста со која ние повозрасните ги доживувавме последните генерации на Фиќо. Ќе бидат сосема задоволни посебно од опременоста, а уште повеќе од можностите за персонализација. За нив можеме да зборуваме и зборуваме и нема сé да кажеме, затоа пак во Аутомотив Груп со задоволство ќе ве информираат и ќе ви помогнат да го обликувате вашиот нов Twingo целосно според сопствените стремежи, за што можеби и ќе ви треба малку повеќе време ако сте нерешителни бидејќи изборот на опрема и додатоци е огромен.

 Renault Twingo Во Македонија и пошироко новиот Twingo неминовно потсетува на страста и емоциите што ги предизвикуваше националниот Фиќо

Помалку дилеми ќе имате околу изборот на мотор, затоа што ги има само два. Поголемиот еднолитарски е атмосферски и располага со 70 KS и 91 Nm, а помалиот турбо со 90 KS и 135 Nm. И двата се трицилиндрични, од новата генерација, сместени ниско и навалени за 49 степени за да се добие простор за багаж во задниот дел на возилото, таму каде и очекуваме да биде багажникот. За безбедноста, како и за економичноста и еколошката прифатливост не треба ни да зборуваме - просечната потрошувачка им се движи од 4,2 до 4,5 литри, а емисијата на CO₂ меѓу 95 и 105 грама на километар. Послабиот мотор може да се добие и без старт-стоп систем заради зачувување на стартната цена на поприфатливо ниво од само 9,200 евра, но кога ќе го склопите онаков каков што сакате новиот Twingo нема малку да чини - со помоќниот 90 коњски турбо мотор и солидното Dynamique ниво на опременост 12.600 евра. Тест-возилото што го пробавме за меѓусебно запознавање дури и повеќе, но страста нема цена, нели, посебно кога најавува долгогодишно пријателство.

 основни податоци Renault Twingo 0.9 TCe
 мотор: 3 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, секвенцијално вбризгување на горивото во повеќе точки, турбо компресор, 898 cm³, 90 KS при 5.500 min-1, 135 Nm при 2.500 min-1
 трансмисија: мануелен менувач со 5 степени, погон на задните тркала, пневматици со димензии 185/60 R16 напред, 205/45 R16 назад
 каросерија: хечбек со 5 врати, 4 седишта, 3.595x1.646x1.554 mm, меѓуоскино растојание 2.492 mm, тежина 943 kg, максимална тежина: 1.359 kg, багажник: 219-980 dm³, резервоар 35 литри
 перформанси: максимална брзина 165 km/h, забрзување 0-100 km/h за 10,8 секунди, потрошувачка отворен пат/град/просек 3,9/4,9/4,3 l/100 km, емисија на CO₂ 99 g/km
 цена: 12.600 евра со Dynamique пакетот на опременост

 

клучни зборови: тест, Renault

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 22 Епизода 34

    повеќе

Видео на денот

  • Aurus 41231SB Кортеж

    Претседателската лимузина на Путин

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 71,50
еуросупер 98 73,50
еуродизел Д5 63,00
биодизел Б6 63,50
течен нафтен гас 31,50
метан 33,00

Фото галерии