Историја што ја креира иднината

Адреналинскиот караван на Porsche повторно татнеше низ Македонија
Објавено на 28 септември 2018 година

И оваа година Порше Македонија нé ни го скрати задоволството да се дружиме со најултимативните модели на Porsche Road Show караванот, кој со своите скоро три илјади коњски сили протатни низ нашата земја. Го предводеше пргавиот 718 Cayman GTS, следеа две избрани изведби на легендарниот 911, па Macan во своето перформансно издание, претставникот на новото време Panamera e-Hybrid и на крај новиот Cayenne. Патот нé водеше до винаријата Тиквеш, каде и покрај предизвикот, изборот меѓу малиганите и октаните не ни беше тежок - секако, се одлучивме за задоволството и на враќање да уживаме во можноста техниката од Штутгарт да ни докаже зошто цели 70 години Porsche е тоа што е.

Вака изгледаат милион евра паркирани пред салонот на Порше Македонија

А што е Porsche знае и секое дете. Сé започна со моделот 356, кој првобитно се произведуваше во Австрија. Но откако лесниот спортист беше покажан на германските продавачи на автомобили, пристигнатите нарачки далеку ги надминаа можностите на постоечките погони и неговото производство беше преселено во Цуфенхаузен, Германија, од каде и ден-денес излегуваат најпознатите модели на марката. Еден од нив е и 718, кој всушност е модерна интерпретација на легендарниот 356. Тој во своето Cayman GTS издание најдобро го демонстрираше духовното наследство на сите својот предок. Мал и агилен, иако со најмалку коњски сили од сите, тој најлесно го доловуваше задоволството во возењето 'Made in Porsche'. Заслуга за тоа имаат и трите букви GTS, зад кои се крие засилен 2,5 литарски турбо мотор, спортски издув, повеќе електроника и уште пар додатоци кои го прават способен за предизвикување дури и на 911. И навистина - неговите 365 коњски сили распределени преку PDK трансмисијата на 1.405-те килограми тежина, со помош на Sport Chrono пакетот го дотеруваат до 100 на час за 4,1 секунда и до максимални 290 километри на час. И сето тоа проследено со звук на вистински спортист.



За епитетот 'највозбудлив' жолтата 911 Carrera S му конкурираше на лесниот 718 Cayman GTS кој ја предводеше адреналинската колона

Скоро токму како и провокативно жолтиот 911 Carrera S, кој по стриктно одредениот редослед го следеше во колоната до Кавадарци. Тој нема што да докажува - се знае дека е брз дури и кога само се гледа. А и покрај предизвикот да се натераат неговите 420 коњи во галоп, погледот од него не може така лесно да се оттргне. Иако практично е основен модел во 911 семејството (послаб од него е само оној без S во ознаката), премногу детали кај него ги воспалуваат сетилата. Најмногу трилитарскиот мотор, кој во целост ги демантираше иницијалните критики кога се појави дека еден турбо никогаш нема да има така добар како звук како докажаниот атмосферски боксер. Вистината сепак е дека најголем критичар на моделите на Porsche е самиот Porsche, односно луѓето што ги создаваат автомобилите што го носат славното име. А како тие го прават тоа веќе 70 години, треба да им се верува, бидејќи секогаш има некој скриен адут што не го кажуваат, туку оставаат сами да го дознаеме. И навистина, ова е кој знае која наша средба со 911 и како и секогаш, повторно нé воодушеви со своите скриени таленти.

Ние и 'основачите' на династијата Porsche

Неговиот посилен брат, пак, нема потреба ништо да крие. А искрено, и да сака не може. Широко извлечените блатобрани над големите тркала и длабоките отвори за воздух во нив, како и големиот спојлер и издувната артилерија веднаш издаваат дека се работи за 911 Turbo, во случајов со додавката S. Кратка и јасна, таа му носи 580 коњски сили и 700 Nm, кои 7-степената PDK трансмисија и погонот на сите тркала ги преработуваат во максимални 330 km/h и катапултирање до првите 100 на час за здивоодземачки 2,9 секунди. Во буквална смисла на зборот - дури и не така силен притисок на педалата за гас остава без здив. Истото се случува и во возење на лимитите - возачките секако, бидејќи неговите тешко се достигнуваат. За тоа придонесуваат и управувачките задни тркала и карбонските дискови, кои својата полна сила ја покажуваат откако ќе се загреат, што со оглед на сé со што овој модел може, и не е така тешко. За него само уште една работа - иако со исклучок на специјалните, полутркачките и тркачките изведби на 911 е најсилен во семејството, може да се вози и смирено - да се оди со него на пазар или пак да се носат децата во градинка. Тие сигурно ќе се радуваат, а вие, секако, најмногу за време на викендите кога ќе можете неоптоварени со временски ограничувања да му го празните резервоарот колку сакате.

Сакате верувајте, сакајте не, ама Panamera ST Turbo S
E-Hybrid декларирано троши 3,0 литри на 100 километри
Таа работа пак, кај наредниот модел што беше во колоната, не е така едноставна. Како претставник на иднината, Panamera ST Turbo S E-Hybrid располага со еколошки и економично настроена погонска група сочинета од бензински V8 мотор хибридно засилен со електромотор кои на осумстепениот менувач и сите четири тркала вкупно на располагање им ставаат 680 коњски сили. Електромоторот сам глатко ја движи луксузната лимузина до автопатски брзини, овозможувајќи и да помине 50-тина еколошки километри. После тоа на сцена стапува четирилитарскиот турбо агрегат, кој надградувајќи се на веќе поминатото ќе овозможи првите сто километри да се поминат со просечна потрошувачка од само 2,9, односно 3,0 литри во Sport Turismo верзијата каква што возевме. А таа, иако тежи 2,3 тони, сепак е вистински спортски автомобил но со додадена практичност. Доказ за тоа се забрзувањето до 100 km/h за 3,4 секунди и максималните 310 km/h, што се скоро идентични бројки како и кај 911 GT3 RS, за кој добро знаеме дека е наменет исклучиво за автомобилските сладокусци. Дека формулата според која е направена оваа моќна хибридна верзија на Panamera е погодена сведочи и фактот за нејзиното долго време на испорака од неколку месеци - добавувачот на батерии за неа едноставно не може да постигне да ги произведе.

Луксузниот дел од гамата на Porsche

Следен за возење беше моделот на кој многумина не му признаваат дека е Porsche - компактниот SUV Macan. Но не се во право - причини што ги демантираат има повеќе. На пример, дизајнот - тој во целост наликува на поголемиот Cayenne и тука нема ништо спорно. Внатрешноста изобилува со висококвалитетни материјали и врвна обработка, а и добар дел од вградените компоненти се преземени од некој друг модел на марката, или барем така изгледаат. Просторот е тој што го дозволуваат неговите димензии - должината од 4,7 и меѓуоскиното растојание од 2,8 метри, а седењето е некаде меѓу спортско и одлично. Тврдото ослонување ја доби битката со силниот страничен ветар што нé маваше, кој на моменти го сечевме и со брзини над 200 km/h. За нив секако заслужно е она на што не може ниту на сон да му се проговори дека не е од Porsche - 3,6 литарскиот мотор, кој во верзијата што ја возевме, Turbo со Performance пакетот, испорачува здрави 440 коњски сили. Единствено во што можеби ќе се согласиме со критичарите на Macan не дека не е Porsche, туку дека сепак ги нема сите карактеристики на еден вистински Porsche, е неговата крајна брзина од „само“ 270 km/h, бројка која сепак е за почит и е далеку од сите останати конкуренти во класата.

И покрај интересниот и пријатен престој во винаријата Тиквеш, едвај чекавме да тргнеме кон Скопје за да уште еднаш ги натераме трите илјади коњи на караванот на Porsche во галоп

За разлика од Macan, на Cayenne никој не му го спори идентитетот. Не ни може. Затоа и ние за него најмалку ќе зборуваме - сé што би можеле да кажеме сите веќе го знаат. Затоа само репортерски - ја возевме неговата S верзија со трилитарски мотор со 440 коњски сили, која го забрзува до 100 km/h за 4,1 секунда и дотерува до максимални 265 km/h. Со овие бројки Cayenne беше меѓу најбавните во Porsche Road Show конвојот, но секако, според нас меѓу најпретставителните. Не можеме да кажеме најпретставителен бидејќи за таа титула имаше сериозна конкуренција во Panamera E-Hybrid и 911 Turbo - во зависност од тоа кој што му се допаѓа. Сепак Cayenne е успешен дел од 70-годишната приказна на Porsche, која есенва кај нас ја раскажаа шесте избрани негови претставници со своите точно 2.925 коњски сили, вредни околу милион евра.

клучни зборови: возевме, Porsche

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 23 Епизода 2

    повеќе

Видео на денот

  • BMW X7

    Ново ниво баварски луксуз

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 74,50
еуросупер 98 76,50
еуродизел Д5 69,00
биодизел Б6 69,50
течен нафтен гас 38,00
метан 38,00

Фото галерии

  • Bugatti Divo

    Изгледа спектакуларно!

    повеќе