Доналд Трамп со пилешка такса ќе ги царини европските автомобили

Спротивно на мислењата на медиумите дека Трамп само ја заострува реториката, царинењето на европските автомобили во САД е сосема можно заради постоењето на таканаречената пилешка такса
Објавено на 4 март 2018 година

Американскиот претседател Доналд Трамп ги заостри своите ставови и се закани со нови царини за европските производи, конкретно автомобилите. Оваа тура вербална војна започна со најавата за воведување на царина за увоз на алуминиум и челик во САД, што предизвика остри реакции на трговските партнери, но и на меѓународниот монетарен фонд и светската трговска организација. Протолкувана од сите освен од Трамп дека оваа најава значи почеток на можна трговска војна, неколку држави реагираа со противмерки. Избрзано како што обично бива, беа споменати мотоциклите на Harley Davidson, фармерките на Levi's и американскиот бурбон како потенцијални кандидати за царинење при увозот во ЕУ. Тежина на целата приказна даде фактот што овој пример како илустрација го наведе токму Жан Клод Јункер. Се разбира, Трамп не му остана должен. За него другите држави со години ги искористуваат САД заради „глупите трговски договори“, сметајќи дека со 25% царина на челикот и 10% на алуминиумот тоа донекаде ќе се исправи. Во целата рашомонијада беше спомената цифрата од 2,5% царина на европските автомобили, но вистинскиот страв доаѓа од едно претходно предупредување на Трамп испратено во јануари до германските автомобилски компании во кои се споменуваат царински давачки од 35%.

Дека сето ова е повеќе од празни заканувачки зборови потврдува историскиот факт дека при увозот во САД за лесните доставни возила во кои спаѓаат и пикапите, се плаќаат 25% дополнителни давачки. Ова таканаречена „пилешка такса“ беше воведена во 1963 година како одговор на давачките што Франција и Германија ги имаа воведено за американското пилешко месо. Заедно со лесните комерцијални возила, со неа тогаш беа опфатени и компировиот скроб, декстринот и брендито. Но, додека давачките за овие други производи со „слична“ стратешка важност набргу беа укинати, Американците продолжија да го штитат своето производство на пикапи. Интересно е тоа што причина зошто и доставните возила се вметнати во ова осветничка такса за загубениот пазар на пилешко е токму Volkswagen и неговото комби, чиј увоз од Германија тогаш се намали за три пати.

клучни зборови: занимливости

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 22 Епизода 37

    повеќе

Видео на денот

  • BMW X5

    Поголем, полуксузен, поатрактивен

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 73,50
еуросупер 98 75,50
еуродизел Д5 65,00
биодизел Б6 65,50
течен нафтен гас 32,50
метан 33,00

Фото галерии