Lexus LC

Мисијата е завршена

На Lexus му беа потребни четири години да ја трансформира LF-CC студијата во фасцинантен сериски автомобил во кој се концентрирани основните гени на луксузниот бренд на Toyota. Во Андалузија ги пробавме LC 500 и 500h, кои во акција ги исполнуваат сите визуелни ветувања
Објавено на 14 декември 2016 година
автор: Хозе Каетано

Во светот на премиум марките Lexus е пласиран на во 4-то место, зад BMW, Mercedes и Audi. Лани марката на продажното салдо на Toyota впиша повеќе од 600.000 автомобили. Тоа е извонреден резултат за компанија основана во 1989 година, првично само за американскиот пазар, што ја објаснува егзотичната слика што ја ужива во Европа. Но и покрај почитта што ја има од купувачите, сепак и требаше потврда на идентитетот. Тоа и беше причината за создавање на ова купе во кое на неверојатен начин се искомбинирани суштинските пораки на марката и врвните технологии, вклучувајќи го и повеќефазниот хибриден систем. Цената уште не му е позната, ама се очекува да стигне и до 120.000 евра.

Одговорните во Lexus велат дека во планот за развој им било зацртано да направат автомобил со GT карактеристики, но вистината е дека LC ги нема квалитетите на Jaguar F-Type или Porsche 911, двата модела споменати од страна на главниот инженер на проектот Коџи Сато. Ниту пак оние на суперспортскиот LF-A кој марката го произведе во ограничени 500 примероци во периодот меѓу декември 2010 и декември 2012 година во фабриката Motomachi во Јапонија. Овој 2+2 модел е сместен на GA-L платформата која е техничката основа и за петтата генерација на луксузниот LS што се очекува во Детроит идниот месец и е поблиску до серијата 6 на BMW, како во однесувањето, прецизноста и возната динамика, така и во комфорот и глаткоста во движењето.


Lexus LC Lexus LC има нова платформа и врвна хибридна технологија која овозможува до два електрични километри

Но пред да продолжиме, да се фокусираме на порелевантните факти од визит-картата на LC 500h - мултифазниот хибриден систем. Направен е врз основа на технологијата од GS 450h со 3,5 литарски V6 мотор и континуираната e-CVT трансмисија со интегриран електромотор, кој служи за нејзина контрола. Бензинецот во ова купе поставено на врв на гамата има благо зголемена моќ на 299 коњски сили, (место 292) и преку конвенционален автоматски менувач со четири степени е споен со вториот електричен мотор. Двата преноса заедно комбинираат 10 степени, четири физички и шест симулирани, од кои последниот десетти се однесува како овердрајв за намалување на потрошувачката и/или бучавата при возење со стабилна брзина на автопат. Максимална моќност на целиот систем е 359 KS.

Самото користење на системот, за разлика од објаснувањето како работи, не е комплицирано. Во пракса тој се однесува како менувач со двојна спојка, сериозно импресионирајќи со мазното менување на степените кое може да се прави и рачно со помош на рачките на управувачот, кои, патем кажано, се направени од магнезиум за да придонесат за поумерена тежина на возилото. Автоматски режими, пак, кои се бираат преку модул интегрирана на таблата со инструменти, ги има повеќе: Eco, Normal, Comfort, Custom, Sport S и Sport S+. Со нивниот избор се влијае и на адаптивната амортизација, серво управувањето и другата интегрирана Lexus Dynamic Handling технологија, па дури и на клима-уредот.

 Lexus LC

 Lexus LC Lexus LC 500 има трансмисија со 10 степени на пренос, а во својата V8 верзија располага со петлитарски мотор со 477 KS

Lexus 500h, според прелиминарните податоци, забрзува од 0 до 100 km/h за 5 секунди и е способен за 250 km/h, што се исклучителни перформанси за еден хибрид. Податоците за просечната потрошувачка и емисијата на CO₂ треба да го поминат процесот на хомологирање, но се очекува да изнесуваат 6,3 l/100 km и 150 g/km соодветно. Со оглед на моќта и перформансите, тоа се неверојатни бројки за купе долго 4,76 метри со погон на задните тркала. Заслуга за нив исто така има и употребата на лесни и цврсти материјали, како што се алуминиумот и јаглеродните влакна. GL-A платформата овозможува ниско тежиште и речиси еднаква дистрибуција на тежината меѓу оските, со што се зголемува чувството на контрола, а со тоа и сигурноста во возењето. За кокпитот на LC може да се зборува само позитивно, особено за позицијата на возачот заради управувачот кој има вистински димензии и наклон и седиштата кои даваат повеќе од доволно поддршка. Во ергономијата Lexus е зад директната конкуренција најмногу заради инсистирањето инфозабавниот систем да се контролира слично на компјутер, што не е практично. За среќа, главните системи имаат сопствени команди. Спротивно на тоа, обработката и употребените материјали во ентериерот се софистицирани и со одличен квалитет. Исто и безбедносната опрема - системите за итно сопирање со способност за детектирање пешаци, за предупредување за напуштање на лентата, за препознавање на знаци, активниот темпомат, head-up дисплејот и друго.

 Lexus LC

 Lexus LC Меѓу многуте технологии за помош на возачот е и head-up дисплејот во боја кој ги покажува само основните информации

LC има шасија со јаглеродни влакна отпорна на свиткување и усукување, најкрута во историјата на Lexus која го надминува дури и LF-A (V10 560 KS). Во највисоко ниво Sport+ системот за динамична контрола координира со електричното серво управување и динамичното управување на задните тркала, обезбедувајќи директен одговор и исклучителен контакт. Самоблокирачкиот диференцијал овозможува безбедно забрзување и низ свиоците, а соработува со контролата на стабилноста во неутрализацијата на подуправувањето и држењето на автомобилот на траекторијата на движење, дури и на граница на пролизгување. Нашето возење на патека покажа и дека речиси не постои занесување на возилото, што значи агилност, стабилност, точност и сигурност - карактеристики кои го прават животот повозбудлив.

LC 500 пак не само што е побрз од 500h (забрзува до 100 km/h за 4,2 секунди и има максимална брзина од 270 km/h), туку и атмосферскиот V8 мотор од пет литри со 477 коњски сили и 540 Nm максимален вртежен момент кој е заеднички со спортските RC F и GS F гарантира поголема експлозивност и помоментален одговор на возачот. За ова сериозна заслуга има и новиот автоматски менувач со 10 степени, развиен во соработка со Aisin. Меѓу предностите што ги нуди е и намалената потрошувачка. Издувниот систем на LC 500 има вентил со кој се менува звукот на V8 агрегатот во зависност од избраниот режим за возење, како и систем кој го пренесува неговиот звук во кабината за поголема возбуда во возењето. За овој модел се препорачуваат опционалните 21-инчни тркала кои обезбедуваат дополнителна стабилност и Sport+ нивото на опременост. Тоа ги вклучува Dynamic Handling пакетот и неколку технички и технолошки алатки за оптимизирање на однесувањето на автомобилот.


Lexus LC Возачот има ниска позиција на седење, што го зголемува чувството на контрола

LC на фасцинантен начин ја задржа суштината на дизајнот на студијата за LF-CC од 2012 година. Воведе платформа за иднината и напредна хибридна технологија кои обезбедуваат подиректен одговор на желбите на возачот. Динамичните перформанси, ефикасноста и глаткоста во возењето се подразбираат. Ќе има три нивоа на опрема (Luxury со панорамски покрив, Sport со покрив од пластика засилена со јаглеродни влакна и Sport+ со активен заден спојлер. Ако треба со еден збор да го опишеме, тоа би било: страотно!

клучни зборови: ексклузивно, возевме, Lexus

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 22 Епизода 35

    повеќе

Видео на денот

  • Aurus 41231SB Кортеж

    Претседателската лимузина на Путин

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 71,50
еуросупер 98 73,50
еуродизел Д5 63,00
биодизел Б6 63,50
течен нафтен гас 31,50
метан 33,00

Фото галерии