За инает на Audi

Објавено на 7 мај 2015 година

Откако протекоа информациите дека Mercedes размислува да подготви конкурент на Audi TT, започна вистинска лотарија со нагаѓањата каков би бил. За да ја зачинат играта, одговорните од штутгартската компанија онака неофицијално и демек анонимно пуштија две-три јадици. Колку се вистинити нема начин да се утврди, но дека се доста интересни, се.

Во нив се споменува дека овој модел ќе биде изведен во две варијанти - купе и родстер, при што ќе дојде до мала колизија со иднината на постоечкиот SLK, за кој нема планови да биде исфрлен од гамата. Изгледот ќе му биде повеќе помоден отколку мускулест, што ги наведува мислите кон AMG GT. Она што е сигурно е платформата за него која ќе биде позајмена од идната генерација на А класата. Со неа ќе пристигнат и моторите, посебно посилните. Од овој аспект гледано тешко е попрецизно да се дефинираат, но извесно е дека сите ќе бидат четирицилиндрични. Најмоќниот меѓу нив, оној со AMG ознаката, би имал околу 400 коњски сили и погон на сите тркала преку шестстепен менувач со двојна спојка. Со оглед на тенденцијата на Mercedes за хибридизација на гамата, логично е да се очекува и ваква изведба.

Што од сето ова е точно, а што изнесено само за забава на народните маси, ќе треба да дознаеме во 2019 година кога овој модел можеби ќе се појави. А можеби и не…

клучни зборови: вести, Mercedes

Cadillac ќе го предизвикува Mercedes со 'супер' ATS-V

Објавено на 5 мај 2015 година

Тукушто претставениот Cadillac ATS-V ќе добие и своја супер изведба. Според главниот инженер на оваа перформансна верзија на конкурентот на C класата на Mercedes, Дејвид Леоне, во американската компанија сметаат дека неговите 464 коњски сили оставаат простор за нешто уште поагресивно. Колку точно не кажа, но американските колеги шпекулираат со бројки меѓу 550 и дури 640 KS. Првата бројка звучи пореално, но втората не случајно се поклопува со силината на поголемиот CTS-V, кој во својот нос има 6,2 литарски V8 компресорски мотор.

Според Леоне, хард-кор верзијата на ATS нема да има трансмисија со двојна спојка и погон на сите тркала кон што тежнее Mercedes кај своите потентни AMG модели, што пак во прашање ја става целата идеја да ги победат германските модели на нивен терен. Како директна причина се наведуваат поголемата тежина и посебно цената, која и онака не мала - ATS-V во САД чини 61.460 долари. Подобро упатените кажуваат и дека зголемената тежина, од која поголем дел ќе падне врз предните тркала, директно ќе се одрази на стабилноста на ATS терајќи го кон подуправување.

Директорот на маркетинг Џим Вурпилат, пак, потврди и дека Cadillac во иднина планира повеќе ултимативни V изведби на своите модели, не сакајќи притоа да каже дали мисли и на големиот CT6. Според него, Cadillac во наредниве неколку години ќе претстави осум нови модели во пет сегменти, од кои еден или два ќе бидат V изведби.

клучни зборови: вести, Cadillac

Дигитализација на Renault Laguna

Објавено на 28 април 2015 година

Иако сме аналогни суштества, живееме во дигитален свет и не треба да нé изненадува што и автопроизводителите се прилагодуваат на начинот на кој комуницираме со нашите возила. Така, екраните чувствителни на допир веќе станаа норма за централните конзоли на автомобилите и новата Laguna на Renault ќе има еден таков. Налик на таблет, тој ќе биде сличен, ако не и идентичен на оној во моноволуменскиот Espace. Вертикално монтиран, со својата големина околу 8 или 9 инчи ќе овозможи комотно контролирање на сé во возилото - од навигацијата до хед-ап дисплејот и од клима уредот до режимот на возење.

Новиот модел на Renault кој ќе ги замени и Laguna и корејскиот по потекло Latitude, најверојатно со ново име ја очекуваме годинава, најрано летово, додека караванската верзија ќе пристигне догодина. Покрај модерниот ентериер, наследникот на Laguna ќе има поспортски профил со доста ниска предница и заден дел налик на купе, со намера да биде позициониран повисоко во сегментот. Под хаубата ќе се најде асортиман бензински и дизел мотори, меѓу кои и интересниот 1,6 литарски турбо бензинец со 200 KS спарен со седумстепена трансмисија со двојна спојка.

клучни зборови: вести, Renault

Lamborghini го ограничи производството на Aventador SV

Објавено на 24 април 2015 година

За да ја зачуваат ексклузивноста на најбрзиот модел направен било кога во историјата на марката, одговорните во Lamborghini решија да го ограничат производството на Aventador LP 750-4 Super Veloce на 600 примероци. Пред било што да помислиме за оваа нималу скромна бројка треба да знаеме дека лани, во својата најдобра година, Lamborghini продаде 2.530 возила, од кои 1.128 беа од Aventador во купе и спајдер изведбите. Затоа, колку и се чинат 327.190 евра без давачки многу, повеќе од сигурно е дека тие 600 примероци ќе се распродадат без проблем, исто како што Super Veloce без проблем забрзува до 100 km/h за 2,8 секунди и надминува 350 km/h.

клучни зборови: вести, Lamborghini

Дефинитивно 'не' за RCZ

Објавено на 23 април 2015 година

Колку и да беше добар, сепак спортскиот RCZ ќе влезе во историјата само како еден експеримент чија перспектива беше проголтана од пазарните непогоди. Дека неговата иднина е неизвесна стана јасно уште кога беа објавени плановите на Peugeot за редуцирање на гамата од 26 на 13 модели до 2022 година. Тогаш сите го посочија како прв „кандидат" за жртвување во име на повисоките цели, но сепак мала надеж постоеше. Сега и неа ја снема откако и официјално од првите луѓе на француската марка на маргините на салонот на автомобилите во Шангај беше кажано дека нема да се развива негов наследник. Како поддршка на својата одлука тие го наведоа податокот дека 95% од продажбата и повеќе од 100% од профитот остваруваат токму 13 силуети, како што тие се изразија.

клучни зборови: вести, Peugeot

Lotus ќе произведува во Кина

Објавено на 22 април 2015 година

Заедно со својот сопственик, малезискиот Proton, Lotus групата потпиша договор со кинескиот Goldstar Heavy Industrial со кој се овозможува производство и продажба на британските спортски возила во Кина. Според условите на договорот, Lotus треба да го забрза развојот на моделите за кинескиот пазар, за што ќе бидат искористени бенефициите добиени од страна на регионалната влада на провинцијата Фуѓен. Производството ќе биде организирано во заедничка компанија, која ќе биде одговорна и за продажбата на возилата од оваа марка во Кина. Според плановите, тие ќе се разликуваат од сегашните и ќе имаат поголема содржина напредни и ефикасни технологии. Целта е кинескиот пазар да стане најголем и клучен за Lotus, а гласините велат дека тоа ќе се постигне со развивање на кросовер.

Со овој значаен за опстанокот на Lotus договор не се засега производството на пуританските спортски возила од сегашните модели Evora, Exige и Elise во Велика Британија.

клучни зборови: вести, Lotus

Land Rover произведе шест милиони возила

Објавено на 21 април 2015 година

Салонот во Шангај Land Rover го искористи да го прослави шестмилионитото произведено возило во својата 67-годишна историја. Славеникот, белиот Range Rover LWB Vogue SE гордо беше искачен на штандот на марката со датум на неговото „раѓање" 2 април 2015 година. За одбележување на значајниот повод, тој е опремен со специјални светла под ретровизорите кои на тлото го проектираат логото на марката со бројките 6.000.000 и споменатиот датум. Значајно е и што сите овие возила се произведени во истата фабрика во Солихал, Вест Мидлендс, од каде во 1948-та излезе првиот Land Rover.

Според зборовите на одговорните во Land Rover, околу 70% од сите произведени возила ден-денес се во употреба.

клучни зборови: вести, Land Rover

Smart повторно игра на SUV картата

Објавено на 20 април 2015 година

По десет години, Smart повторно ќе ги активира своите откажани планови за малиот SUV модел ForMore. Сега ситуација се сменија и дојде време за ревидирање на тогаш сосема исправната одлука. Да се појавеше, интересниот за јавноста но преуранет мал SUV сигурно ќе доживееше фијаско на пазарот кој во меѓувреме се смени до непрепознатливост. Посебно во Европа, каде малите царуваат, но не треба сосема да се исклучат ниту останатите региони, како Кина, на пример, каде сé што е ново и интересно поминува.

Токму од таму, и тоа лично од устата на Дитер Цече дојде и најновата вест за плановите Smart повторно во игра да го врати малиот SUV модел. Самото споменување на оваа тема сигурно ќе предизвика нашироко и надолго елаборирање во јавноста, но засега сé се сведува само на репортерско известување за искажаните мисли на првиот човек на Daimler кој никогаш не шпекулирал со информациите што ги споделува со новинарите.

клучни зборови: вести, Smart

Грижата за минатото е грижа за иднината

Објавено на 15 април 2015 година

Land Rover објави дека формирал посебно одделение кое ќе се грижи за моделите кои не се произведуваат повеќе од една деценија. Наречено Heritage, ова одделение на британскиот производител на теренски возила на нивните сопственици ќе им нуди фабрички резервни делови произведени според оригиналните методи за обработка од времето од кое потекнуваат, со што ќе се зачува автентичноста на возилата. Ова одделение, организациски дел од Special Vehicle Operations дивизијата на Jaguar Land Rover, веќе има разработено планови за целосно преземање на грижата за оригиналниот Range Rover, потоа Range Rover P38, првите две генерации на Discovery и секако иконските Series I, II и III. Не е заборавен ниту нивниот наследник Defender, за кој преку продажната мрежа на Land Rover ќе се обезбедуваат делови во наредните 15 години.

Според проценките на Land Rover, околу 70% од сите произведени возила од 1948 година се во употреба.

клучни зборови: вести, Land Rover

Audi SQ7 со уникатна погонска група

Објавено на 8 април 2015 година

Големиот V12 TDi не ја преживеа транзицијата низ устрожнетите Еуро норми за издувните гасови, но Audi не се откажува од замислата големиот Q7 да биде на располагање со екстрамоќен дизел. На помош сега е повикана напредната технологија, со чија помош перформансите на V8 мотор ќе се вивнат во сферата на оние што ги имаше петлитарскиот V12 монструм, истовремено запазувајќи ги еколошките стандарди. Тоа ќе се постигне со помош на пар електрични турбо компресори, технологија која веќе е применета кај Audi RS5 TDi-e концептот. Нејзина карактеристика е што при помал број вртежи малите електромотори им даваат „залет“ на турбо компресорите пред издувните гасови да фатат да ги вртат нивните лопатки, со што целосно се елиминира турбо дупката и моторот подобро се полни со воздух неопходен за согорување кај дизел циклусот.

Не е потврдено, но најверојатно за основа ќе биде земен 4,2 литарскиот TDi од Porsche Cayenne Diesel S, чија работна зафатнина ќе биде намалена. Истиот мотор се предвидува и за новиот теренец на Bentley, Bentayga, кој со Q7 ќе има заедничка платформа. Се очекува да развива 400 коњски сили, бројка што ќе биде доволна Audi на Q7 да му закачи префикс S.

клучни зборови: вести, Audi

PSA го зголемува производството на трицилиндрични мотори

Објавено на 7 април 2015 година

Заради зголемениот интерес на купувачите за новата PureTech технологија, француската компанија реши да го зголеми производството на трицилиндрични турбо мотори. Фабриката во местото Тремери во североисточниот дел од Франција обезбедува погонски единици за голем број модели на двата производитела, вклучително и оние најпродаваните - 208, 308, 2008, C3, C4 Picasso… Зголемувањето на капацитетите кое ќе се движи до 200.000 единици е добиено со пофлексибилен производствен систем и реорганизација на синџирот за набавки. Причината фабриката во Тремери да добие поголеми производствени квоти пред шпанската фабрика во Виго се резултатите од интерното истражување спроведено лани кое ги преферира квалитетот, трошоците и конкурентноста на француските погони. Во моментов, во Шпанија не се произведуваат мотори туку само возила.

Фабриката во Тремери е најголем капацитет на PSA за механички компоненти. Започна со работа во 1979 година и досега има произведено 40 милиони мотори. Само лани од нејзините погони излегоа 1.577.000 мотори и 893.000 менувачи. Исто така е и најголема фабрика за производство на дизел мотори во светот.

клучни зборови: вести, PSA Peugeot Citroen
претходни содржини

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 21, епизода 38

    повеќе

Видео на денот

  • Дизел или бензин

    Во што е разликата?

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 63,50
еуросупер 98 65,00
еуродизел Д5 49,50
биодизел Б6 50,00
течен нафтен гас 31,00
метан 32,00

Фото галерии

  • Mercedes-Benz EQA

    Атракција во Франкфурт

    повеќе