» Toyota Auris Hybrid Touring Sports


Toyota Auris Hybrid Touring Sports

Смирен адут за жестоката пазарна битка

Модерниот изглед кој не застарува, пространата внатрешност, долгата листа безбедносни и помошни системи и секако хибридниот погон се вредностите на Toyota Auris Hybrid Touring Sports што секој ќе ги цени
Објавено на 12 декември 2017 година

Дружејќи се со бесни автомобили со многу коњски сили, тестирањето на овој Auris ни беше како емоционално отрезнување. Нема ништо ново во него, но комбинацијата на караванската каросерија со хибридниот погон беше предизвик за нашите критериуми. Тој во битка за купувачите влегува со вредности кои не се на првите фронтални линии, туку длабоко во позадината. Со неговиот изглед се запознавме пред две ипол години, кога Toyota ја обнови сегашната генерација. Тогаш бевме во дилема што всушност кај него е ново, а што рестилизирано. Непотребна мора да кажеме, затоа што Auris е производ кој нема многу потреба од освежувања. Ниту тогаш ниту сега за него не може да се каже дека е надживеан од времето. Измените што го доби во облик на новото лице и благите стилски зафати само го поставија во ист чекор со останатите модели од гамата на Toyota. Прилично острите линии посебно назад, кај оваа караванска верзија дополнително се изразени. Складноста малку е нарушена заради компактната големина на возилото, за кое сепак ретко кој ќе каже дека не му се допаѓа. Можеби ќе остане рамнодушен, а ако не - тогаш таков ќе стане кога ќе влезе во него.

 Toyota Auris Hybrid Touring Sports

 Toyota Auris Hybrid Touring Sports Караванскиот Auris со истото меѓуоскино растојание е подолг за скоро триесет сантиметри од хечбекот

Навистина, никако не можеме да најдеме одговор на прашањето зошто Toyota е толку строга со дизајнот на ентериерите на своите возила. Квалитетот како во проектирањето така и во изработката се забележува насекаде, но целата слика делува сосема невозбудливо. Дури и семејно ориентираните купувачи за кои Auris претежно е наменет би посакале внатрешноста да биде малку попредизвикувачка. Ослободена од сите украсни детали и линии, таа изгледа поголема отколку што е. Ергономијата апсолутно владее. Порано за верзијата со мануелна трансмисија имавме замерка на високата поставеност на рачката од менувачот, но тука тоа не е случај заради безстепениот вариоматски пренос кој доаѓа во пакет со хибридната погонска група. Инструмент таблата и централниот екран се повеќе од прегледни и информативни. Седиштата се одлични и доста удобни, иако за нечиј вкус можат да бидат малку тврди. Вниманието посветено на деталите прави нивното постоење да се забележи дури откако ќе седнете во друг автомобил. Накратко кажано ако за надворешниот дизајн на Auris може да се рече дека е модерен, внатрешноста е таква што никогаш нема да застарее или здодее.

Auris Hybrid Touring Sports остава впечаток на зрел и комплетен производ кој е доволно добар да не мора да се турка во прв план Тоа значително влијае на долговечноста на моделот, посебно во оваа каросериска изведба. Бројните умни решенија во задниот дел ја зголемуваат неговата употребната вредност како семејно возило. А хибридниот погон во тоа идеално се вклопува. Присутен во Auris уште пред демонизацијата на дизелите, тој го издигна на едно стратешки различито ниво. Имено додека токму караваните со оваа големина најмногу страдаа под налетот на малите кросовери, Toyota реши да им се спротивстави со алтернативната технологија. Комбинацијата од 1,8 литарскиот бензински агрегат со електромотор располага со вкупно 136 коњски сили и за жал само 142 њутн-метри. Кај ваков тип возила бројките за брзината и забрзувањето се споредни, но затоа оние за потрошувачката го имаат главниот збор. Фабрички декларираните 3,6 литри на сто километри се тешко достапни, но и со постигнатите на тестот околу пет литри ретко кој нема да биде задоволен. Возењето е типично како кај сите хибриди. Тргнувањето е бесшумно, на струја, но малиот капацитет на батериите не дозволува долго бензинскиот мотор да остане во мирување. За некоја електрична автономија не може да зборуваме. И не треба - интегрирањето на компонентите е на толку високо ниво што човек воопшто не треба да се заморува кога што работи. Едноставно треба да седне и да вози.

А возењето со Auris е пријатно во сите ситуации, освен кога треба нагло да се забрза. Тогаш бучавата јасно го става на знаење хибридниот карактер на возилото. Едноставно недостасува малку култивираност, во голема мерка заради CVT менувачот. Освен сумата од 20.490 евра кои во Тојота Авто Центар ќе ви ги побараат, тоа е цената што треба да ја платат еколошки освестените. Како надомест ќе добијат практично вечен автомобил во чиј заден дел собира 530 литри, а со соборени седишта и до таванот дури 1.660. Добиени се со продолжување на хечбек каросеријата за скоро 30 сантиметри, додека меѓуоскиното растојание е задржано. Тоа значи и еднаков простор за нозете на патниците назад, кој и не е така раскошен. Но место за критика нема, бидејќи тоа сепак е во рамките на просекот во класата. Затоа пак количината опрема е далеку над тоа, и безбедносната и комфорната. Тука замерки нема, само задоволство.

 Toyota Auris Hybrid Touring Sports Доколку автомобилот го доживувате како практично средство за превоз, хибридниот Auris е точно по таа мерка

Тоа впрочем беше и целта на Toyota со комбинирањето на караван каросеријата и хибридниот погон. Со нив Auris располага со уникатна предност во битката за купувачите, како со конкуренцијата така и со кросоверите. Таа во времето кое претстои ќе биде неизвесна, но за Toyota нема повлекување. Вешто користејќи ги своите стратешки предности, Јапонците за 20 години продадоа 11 милиони хибридни автомобили. Тие во Европа сочинуваат 40% од вкупната продажба на марката. Кај Auris пак две третини. Подобар доказ за успешноста на формулата не е потребен. Жалиме што на нашиот пазар таа не функционира во целост.

 основни податоци Toyota Auris Hybrid Touring Sports
 мотор: хибрид, 4 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, Dual VVT-i, 1.798 cm³, 136 KS при 5.200 min-1, 142 Nm при 4.000 min-1
 трансмисија: безстепена вариоматска трансмисија, погон на предните тркала, пневматици со димензии 205/55 R16
 каросерија: караван со 5 врати, 4.595x1.760x1.485 mm, меѓуоскино растојание 2.600 mm, тежина 1.310 kg, максимална тежина 1.815 kg, багажник: 530/1.660 dm³, резервоар 45 литри
 перформанси: максимална брзина 175 km/h, забрзување 0-100 km/h за 11,2 секунди, потрошувачка отворен пат/град/просек 3,5/3,6/3,6 l/100 km, емисија на CO₂ 83 g/km
 цена: 20.490 евра

 

клучни зборови: тест, Toyota Auris

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 22 Епизода 21

    повеќе

Видео на денот

  • Fisker EMotion

    Ех Тесла, Тесла…

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 68,00
еуросупер 98 69,50
еуродизел Д5 59,50
биодизел Б6 60,00
течен нафтен гас 32,00
метан 32,00

Фото галерии