» тест Peugeot 3008


Peugeot 3008

Некогаш порано…

Фативме дел од нив, но сепак не сме толку стари да жалиме за минатите времиња бидејќи новите носат поинтересни нешта
Објавено на 31 декември 2017 година
автор: Зоран Коцев

Некогаш порано точно се знаеше кој е кој на автомобилската сцена. Секој си владееше на своето, немаше ѕиркање во туѓите дворови. Производителите на возила нудеа по два-три клучни модели, а на купувачите им остануваше да го изберат она на што најмногу му веруваат. Тие пак во тоа немаа големи недоумици бидејќи класите возила беа цврсто разграничени. Но дојдоа други времиња. Некој се сети дека ако ги измеша картите играта ќе биде поинтересна. Така настанаа кросоверите, чија популарност толку растеше што овој долгогодишен тренд веќе може да се окарактериза како глобален феномен. А тој на повеќе марки им пружи шанса во голем стил повторно да зачекорат на автомобилската сцена. Следејќи ја трансформација на пазарот, Peugeot во потполност ја промени стратегијата. Процесот започна со 2008, но најизразен е кај 3008 кој сега се пласира во нова кожа која далеку повеќе ни се допаѓа. Тој повеќе не е моноволуменец со квази-теренски својства, туку вистински кросовер, токму онаков каков публиката бара. Одлично завршената работа беше крунисана со титулата автомобил на годината во Европа, чиј актуелен носител сé уште е.

 Peugeot 3008

 Peugeot 3008 Лавот сега доби нова кожа - со трансформацијата од моноволуменец во SUV, Peugeot го изнесе 3008 на вистинскиот пат

Еволуцијата во стилот и карактерот го премести 3008 во еден од најпосакуваните сегменти на денешницата каде конкуренцијата е најжестока. Сепак Французите не се исплашија од неа и на 3008 му подарија допадлив изглед. Малку надмен, тој во основа се разликува од гамата конвенционални модели. Напред се истакнуваат моќните линии и вертикално поставената маска со агресивен изглед. Обвиткана со интересната форма на браникот и атрактивните светла, таа претставува важен детаљ кој овој модел го сместува во потполно нова пазарна димензија. Силуетата се карактеризира со невообичаено високи бокови, а оригиналноста во изгледот е комплетирана со задниот дел со трите независни светлосни блока. Прегледноста малку е жртвувана заради естетиката, но ништо страшно - камерите овозможуваат паркирањето да биде лесно како на видео игра.

 Peugeot 3008 SUV пазарот е пред нов рекорд - заслуга за тоа има и 3008

Жртви има и кај механиката - во спецификациите на 3008 не се најде и 4x4 погонот, што е и најголема забелешка на овој модел. Со помош на хибридната технологија ќе го има во иднина, а дотогаш 3008 ќе биде задвижуван исклучиво преку предните тркала. Во тоа несебично ќе помага Grip Control системот, со кој тестното возило за жал не беше опремено. Тоа беше од акциската понуда на Еуроимпекс кој за 26.150 евра го нуди 3008 со 1.6 BlueHDi мотор со 120 коњски или и Active пакет на опрема, дополнително засилен уште со пар додатоци. На европско ниво, скоро 45 отсто од купувачите на автомобилите од марката Peugeot се одлучуваат за полуксузните пакети на опрема. Затоа и не треба да чуди што 3008 се стреми кон премиум имиџ. Така овој модел доаѓа со опции како што се безжично полнење на телефоните, седиштата со масажа и голем број безбедносни електронски асистенти. Меѓу нив се и следењето на коловозните линии со автоматско корегирање на управувачот, присилно кочење во случај на опасност и слично. Кај нас сепак цената е одлучувачка заради што и понудата е оддалечена од европската. Ваквиот 3008 на прв поглед изгледа скап, но во суштина содржи сé што нашите купувачи бараат. А меѓу нив не е споменатиот Grip Control системот, кој иако врши добра работа не е вистинска замена за 4x4 погонот. Дури и без него, овој 3008 одлично се вклопува во сликата што типичниот купувач на Peugeot ја посакува за својот нов автомобил. Дури и со цената, бидејќи тој отсекогаш бил подготвен да плати повеќе знаејќи дека го добива она што го сака.

 Peugeot 3008

 Peugeot 3008 Прилично добрата ергономија го дополнува впечатокот за кокпитот на новиот 3008



Ние го возевме 3008 повеќе пати и мора да кажеме дека иако дружбите ни беа кратки, сепак тој успеа да ни се наметне со својот карактер. При првата средба бевме малку построги, но тој веќе во втората ни се наметна како „стар познаник“. Затоа и третиот пат го доживеавме некако природно, за да сега се сретнеме со него како со возило на кое како недостаток му припишуваме само лични забелешки околу опременоста. Сумирајќи сé досега, за 3008 ќе кажеме дека на почетокот делува чудно, малку со изгледот повеќе со седењето односно погледот преку малиот управувач. Сега после повеќе средби со него мора да признаеме дека ваквиот дизајн на ентериерот ни лежи, иако сé уште не сме докрај подготвени да го прифатиме како нормален. За купувачите кои ќе се дружат секојдневно со 3008 тоа нема да биде проблем - колку се навикнале ќе дознаат кога ќе седнат во друг автомобил.

 Peugeot 3008 Во поглед на функционалноста и технологиите 3008 поседува сосема доволно адути да го привлече вниманието на голем број купувачи

За моторот немаме никакви забелешки. Тој работи перфектно, исто како и шестстепениот менувач. Сила има сосема доволно за течни забрзувања, посебно во третиот и четвртиот степен на пренос. Потрошувачката му е во рамките на очекуваното - кај нас меѓу 7 и 8 литри на 100 километри што и не е многу со оглед на тоа во какви услови и како го возевме. Посакавме малку да беше потивок на автопат, но не до толку за да може тоа да му го забележиме како недостаток. Возната динамика е добро избалансирана, а нерамнините на патот се совладуваат без непосакувани клатења на каросеријата и борба со управувачот. Безбедносната електроника одлично функционира во сите услови, дури и кога нашето чувство налагаше интервентни мерки за стабилизирање на возилото при насилни претерувања. Нормалното возење со него пак ни беше господско. Тоа го сфативме кога по игра на случајот откако го вративме тестното возило седнавме во за класа поголем и десетина илјади евра поскап теренец. Да ја скратиме приказната на суштинско ниво, Peugeot 3008 е модел кој благородно ќе ги задоволи своите сопственици. Ако не на почеток, тогаш сигурно при подолго користење на возилото. Остануваат забелешките околу недостатокот на 4x4 погонот и повисоката цена, но тоа веќе е субјективно и секој за себе ќе има сопствено мислење за тоа.

 основни податоци Peugeot 3008 1.6 BlueHDi
 мотор: 4 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, common-rail директно вбризгување на горивото, турбо компресор, 1.560 cm³, 120 KS при 4.000 min-1, 300 Nm при 1.750 min-1
 трансмисија: мануелен менувач со 6 степени, погон на предните тркала, пневматици со димензии 215/65 R17
 каросерија: кросовер со 5 врати, 5 седишта, 4.447x1.841x1.620 mm, меѓуоскино растојание 2.675 mm, тежина 1.300 kg, максимална тежина: 1.970 kg, багажник: 520/1.482 dm³, резервоар 53 литри
 перформанси: максимална брзина 189 km/h, забрзување 0-100 km/h за 11,2 секунди, потрошувачка отворен пат/град/просек 3,5/4,7/4,0 l/100 km, емисија на CO₂ 104 g/km
 цена: 26.150 евра

 

клучни зборови: тест, Peugeot 3008

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 22 Епизода 21

    повеќе

Видео на денот

  • Fisker EMotion

    Ех Тесла, Тесла…

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 65,50
еуросупер 98 67,00
еуродизел Д5 57,00
биодизел Б6 57,50
течен нафтен гас 32,00
метан 32,00

Фото галерии