» Ексклузивно за AutoBest :: Aston Martin, поглед одвнатре - Старт-ап стар 105 години!

Aston Martin, поглед одвнатре :: Старт-ап стар 105 години!

По еден век полн со успеси, но и со справување со неуспеси кои е доста тешко да се разберат, Aston Martin има план за вториот век. Сега има лидери кои знаат што сакаат и што точно треба да направат. Дан Варди разговараше со нив и има ексклузивна приказна за тоа
Објавено на 25 јули 2017 година
Дан Варди, Гајдон, Велика Британија

Не сакаме да го анализираме првиот век на Aston Martin, но не смееме да заборавиме дека тој беше во сопственост на Ford. Американската компанија, како што некои велат, се покажа како не многу инспиративен родител, додавајќи дека не сакале оваа една од најпознатите автомобилски марки во светот да се развива. Преломен момент во историјата на компанијата беше кога Дејвид Ричардс собра група инвеститори кои го презедоа Aston Martin, дарувајќи му независност. Истовремено дојде и новиот извршен директор Улрих Бец, инженер одгледан во Porsche кој подоцна работеше и за Ким Ву Чунг, големиот лидер на Daewoo. Многу работи се кажаа за Бец кој го спроведе Aston Martin во новиот век, но денес сите се согласуваат дека тој немаше визија и не имплементираше никаква стратегија за развој на марката. Најпогоден пример за тоа е што го воведе Cygnet, модел кој настана како надградба на Toyota iQ, малиот јапонец немаше успех на речиси никој европски пазар.


Марек Рајхман, главниот креативен директор и дизајнерски гуру на Aston Martin, во нашето ексклузивно интервју рече: „Сакам да кажам дека сме старт-ап стар 105 години“. Марек дојде во компанијата пред 12 години, кога, како рече, „тука се произведуваа еден или можеби два модела и беше важно да обезбедиме сите идни да изгледаат како Aston Martin. Тоа беше почетокот на промените. Тогаш за првпат имавме наша сопствена независност во однос на платформите и производствениот синџир и можност да правиме автомобили во релативно големи количини во споредба со тоа каде бевме во 50-тите, 60-тите и 70-тите години. Всушност, за 105 години постоење имаме произведено само 80.000 автомобили“.

Пристигнувањето на добро познатиот Енди Палмер, поранешен втор човек во командната линија на Nissan и добитник на ManBest признанието, го најави излезот на компанијата од концептуалниот мраз. Ние не го негираме значењето на Џејмс Бонд во историјата на британската марка. Напротив, во секое време - минатото, денес и утре, врската помеѓу 007 и Aston Martin е фундаментална како подарок од божествата за век и веков. Но, постои живот и пазар и по Бонд. Енди го направи тоа сосема добро кога го смисли планот за вториот век. Ексклузивното интервју дадено за AutoBest е сеопфатен доказ за стратегијата која ги ослободи од оковите различните вредности на Aston Martin и Lagonda, марка која е уште еден иконски знак кој со децении беше „конзервиран“.


Во моментот кога Енди дојде на чело на Aston Martin, тој затекна компанија која немаше извршен директор 18 месеци и работеше хаотично. За среќа, во Aston Martin имаше луѓе кои ја сакаа марката, но ја немаа потребната дисциплина за работа во современа автомобилска компанија. Производството не беше стандардизирано, контролата на квалитетот неконзистентна, а иднината требаше да ја обезбедат само неколку производи. Планот беше да се воведе дисциплина во производствените процеси, да се одредат развојни стратегии за новите производи и маркетингот и да се обезбеди сосема нов пристап како луксузна марка која не произведува само луксузни автомобили. И не само за Џејмс Бонд. Првиот резултат на менаџментот на Енди е јасен, појасен не може да биде - ако во 2007 година тие продадоа рекордни 7.200 автомобили, со профит од 97 милиони фунти, минатата година ја завршија со само 3.700 возила, но со добивка која изнесуваше 101 милион фунти!

Планот на Енди стигна до Core Rebuilding фазата, во која треба да се лансираат три нови спортски автомобили, со различна естетика, наменети за различен тип клиенти. Според зборовите на Палмер, „DB11 е класичен GT со специфичен изглед и технологии кои одговараат на неговата класа. Од моја гледна точка тој треба да има специфичен изглед и точно определени технологии и возни својства, да биде поугодлив за возење и поудобен, така што да можете да го возите 500 милји“. За да се постигне тоа, Палмер го регрутираше Мет Бекер од Lotus. „Типичниот клиент за овој модел се вика Филип. Тој е 48-годишен Французин, доста успешен директор. И, се разбира, тој може да си дозволи 100.700 фунти да купи ваков автомобил“. Следниот чекор е лансирањето на новиот Vantage до крајот на годинава. Спортскиот автомобил со две седишта кој однадвор ќе биде доста различен од DB11, ќе биде всушност прв конкурент на Porsche 911. За него Палмер вели: „Тој е насочен кон еден човек наречен Маркус, Германец по националност, брокер по занимање. Помлад е и го користи автомобилот како викенд освојувач“.

Марек Рајхман: Многу е важно за DB11 да се каже дека: „да, тој е вистински Aston Martin, како автомобилот со кој г-дин Бонд патува од Лондон до Монако“

Од своја страна, пак, Марек има сопствена перспектива за овие два клучни модели на новата стратегија: „DB11 е GT автомобил на еден џентлмен, наменет за уживање во патувањето од Лондон до Монако. И Vantage е вистински Aston Martin, но кај него сé е подредено на возачот. И двете возила имаат чистокрвен Aston Martin генетски код“. Да бидеме поспецифични, Марек прави многу интересна аналогија: „Кога ќе го видите Усаин Болт облечен во костум веднаш знаете дека тој е тркач бидејќи таков му е ставот. Исто е и со визуелниот јазик на фигурата на DB11. Vantage, пак, е како кога Болт би го оставил костумот и би го облекол својот спортски комбинезон. Но сепак тој сé уште е Усаин Болт. Токму на истиот начин, со такви разлики, во иднина навистина ќе покажеме кои сме преку говорот на нашите автомобили“.

Енди Палмер: покрај DB11 и Vantage, третиот автомобил кој ќе пристигне следната година е супер GT кој ќе го замени Vanquish Енди откри дека, во духот на „офанзивата на седумте автомобили“ тие следната година ќе лансираат трет модел од серијата, супер GT кој ќе го замени Vanquish и ќе влезе во конкуренција со GTC4 Lusso. За него тој рече: „Типичниот купувач на ова возило е Американец со име Ричард, на возраст од 52-53 години, доволно богат да потроши повеќе од 200.000 фунти на автомобил. Ќе понудиме седум деривати на овие автомобили кои ќе бидат лансирани до крајот на 2018 година“. Енди призна и дека: „…треба да бидеме многу ефикасни за да лансираме толкав број автомобили“. Тогаш Aston Martin ќе влезе во третата фаза, во која планира да го прошири портфолиото. Оваа фаза која ќе започне со официјалното лансирање на првиот SUV, моделот DBX, ќе се случи меѓу 2019 и 2022 година. „Сакаме DBX да биде најубавиот SUV во светот. Сега сме во процес на рафинирање на неговите облини и некои детали на него“, рече Енди. Тој за AutoBest кажа и дека новиот SUV ќе има пет врати, а не три како концептот. Ќе се произведува во новата фабрика на Aston Martin во Сент Атан, Велс, што всушност е стар воен хангар дониран од британската армија. Детали за другите автомобили во програмата не спомена многу. Како што рече, „имаме уште три возила за кои не зборуваме многу - првото е спортски автомобил со централен мотор кој ќе се натпреварува со Ferrari 488, следниот ќе биде Lagonda број еден кој ќе се прави во Велс, а третиот Lagonda број два“. Кога го прашавме дали овие автомобили ќе ја користат платформата на DBX, тој рече: „Повеќе не го користиме терминот платформа, претпочитаме да ја нарекуваме архитектура. Ќе искористиме многу системи од DBX, на пример системот за ослонување“.

Енди Палмер: Според мене, нашиот Rapide ќе биде првиот електричен автомобил што ќе го понуди некој производител на луксузни автомобили бидејќи сметам дека главните конкуренти ќе се задржат на plug-in хибриди

Во контекст на она што се случува денес, се чувствуваше природно да се праша за иднината на Rapid. За него Рајхман ни одговори: „Ние веќе објавивме дека ќе имаме електричен Rapid, така што тој има иднина. Ја гледаме електрификацијата како навистина многу важна за иднината на Aston Martin. Значи од сегашен аспект гледано, иднина на Rapid дали ќе биде електричен автомобил или ќе биде електрифициран звучи чудно, нели?“ Се обидовме да дознаеме некои информации во врска со перформансите и автономијата на идниот Rapid E, но Рајхман ни кажа: „Сè што велам е дека сé уште немаме никакви бројки, ниту какви било спецификации за автомобилот. Ние сме искрена компанија која ќе обезбеди искрено решение - кога ќе кажеме што ќе правиме, тогаш тоа и ќе го правиме и мислам дека автономијата ќе биде соодветна за условите на користење на таков автомобил, но сега е премногу рано да се зборува за спецификациите“. Палмер пак, потврди дека Aston Martin работи со Le Eco, компанијата што стои зад Faraday Future, кажувајќи ни дека не се грижат во случај нешто да тргне наопаку, бидејќи: „…имаме доволна независност, без разлика што се случува со нив, и можеме да го направиме овој автомобил и сами ако треба“. Тој исто така рече дека е многу веројатно дека ќе се смени името на автомобилот од Rapid до Lagonda.

„На возачот секогаш ќе му дозволиме да биде возач“Всушност, иднината на Aston Martin ќе биде и електрична, но и со цел да се приклони кон генетиката на марката, и хибридна со бензински мотор. Палмер рече и дека дизелот беше мртов уште пред дизелгејт аферата. Тој предвидува дека во 2030 година 30% од продадените автомобили ќе бидат електрични. Преминувањето на Aston Martin кон електричните возила ќе започне со Lagonda. Но кажа и дека автомобилите на Aston Martin никогаш нема да бидат целосна автономни, бидејќи „ние секогаш ќе му дозволиме на возачот да биде возач“. За оние од марката Lagonda, пак, чии конкуренти ќе бидат Rolls-Royce и Bentley, иднината ќе биде во автономното возење.

Во иднина 20-25 проценти од возилата ќе бидат електрични

Aston Martin ќе продолжи да лансира и лимитирани серии автомобили, кои ќе бидат претежно рачно изработени. Марек ни кажа: „Ние ги правиме нашите автомобили рачно - потребни се 200 работни часа за да се произведе DB11 и околу 2.500 часа AM27 или Valkyrie, така што тоа е многу, многу интензивна работа за нашите работници кои имаат силно занаетчиско чувство“. За време на нашата посета на фабриката на Aston Martin во Гајдон ја забележавме истата технологија што ја користат и другите играчи во оваа ексклузивна лига, но според Рајхман: „За DB11 да има најдобар квалитет ние ги надградуваме технологиите што ги користиме со производствените способности и знаењето што го имаат квалификуваните луѓе што ги прават автомобилите“.

Но можеби најинтересен дел од приказната е тоа што Aston Martin е во трансформација кон луксузна компанија која произведува не само луксузни автомобили, туку и други луксузни производи. Енди и Марек се можеби најголемите подржувачи на оваа промена која започна со луксузни апартмани во Мајами, јахти произведени од Quintesence, спортски чевли од Hogan… Aston Martin сега е во потрага за најдобрите партнери за да понуди луксузни производи кои ги изразуваат гените на марката. Тоа всушност е бизнис модел кој го користат и Lamborghini, и Ferrari, со повеќе или помалку успех. Aston Martin, теоретски гледано, има најдобри шанси за успех заради сопственото педигре. На крај, но не и последно, тука е и поврзаноста со Бонд, Џејмс Бонд.

клучни зборови: ексклузивно, Aston Martin

Интервју со Енди Палмер

Дан Варди: Господине Палмер, како што зборувавме, правиме приказна за тоа што се случува со Aston Martin откако пристигнавте и природно, првото прашање ќе биде на што наидовте тогаш?

Енди Палмер: На што наидов… Значи, беше октомври 2014 година, се сеќавам дека компанијата беше без директор 18 месеци и она што го најдов е тоа што би го очекувале - вакуум, компанија која заедно ја управуваа акционерите и функционалните раководители. Но одредениот степен на хаос беше очигледен, сé беше во еден вид на шема на исчекување. Се сеќавам дека акционерите беа многу добри, но тие не се луѓе од автомобилскиот свет и имаше многу импровизации - треба да се направи ова или она, кажано со одредена доза на неодлучност бидејќи не беа сосема сигурни како навистина треба.


Но она што исто така го најдов за кое мислев дека е охрабрувачки и сé уште го издвојувам и ден-денес е ако побарате од луѓето тука да кажат кој е атрибутот број еден, во секоја инстанца тоа ќе биде страста. И тоа е нешто што мислам дека тешко ќе се најде во било која друга автомобилска компанија. Тоа е големата љубов на луѓето кои работат тука, без разлика дали се инженери или дизајнери, дали се од сметководство, кадровско или пак од маркетингот. Тоа е љубовта на луѓето кон компанијата која ги наведува да работат тука затоа што ја сакаат и затоа што го сакаат тоа што го работат. Тогаш знаев дека нешто може да се постигне. Креативниот ентузијазам постоеше, требаше само да се внесе дисциплина и одлучност во процесот на работата.

Со планот што го подготвив од акционерите се бараше освен веќе вложените околу 500 милиони фунти да изнајдат уште 200 милиони за инвестиции. Женева 2015 година може да се нарече почетна точка - таму го покажавме е концептот DBX, кој на светот му ја прати клучната порака во која можеше да се препознае иднината. Во меѓувреме продолживме со DB11 и сé друго бидејќи 2 до 3 години ќе нема нов производ а треба да се преживее… Требаше и да се подготвиме за цунами од нови производи какви компанијата никогаш немала претходно. Следното нешто што треба да се случи е она што ние го нарекуваме период на стабилизација, кој се поклопува со моментите кога долговите што како компанија ги имаме нараснуваат на 530 милиони фунти треба да започнат да се враќаат. При неговото рефинансирање каматата ни беше намалена од 10 на 5 проценти, што беше сатисфакција за постигнатиот напредок и помалиот ризик за иднината на компанијата. Притоа моравме да донесеме и некои тешки одлуки, а се свртевме и кон специјални серии за да името Aston Martin го вратиме во умот на потрошувачите. Така настанаа GT12, GT8, Vulkan, Zagato, Valkyrie… Тие проекти исто така ни донесоа и добри приходи, а ја реорганизиравме и компанијата.

Да ви дадам пример за ефикасноста - во 2007 година која беше рекордна и најпрофитабилна, се продадоа 7.200 возила со профит од 92 милиони фунти. Лани, по реструктуирањето, продадовме 3.700 автомобили и остваривме профит од 101 милион фунти.Сега сме во втората фаза кога почнуваме со лансирањето на новите модели, наменети за различни клиенти. Прв е DB11 кој е класичен GT автомобил, следи двоседот Vantage, а трет ќе биде супер GT модел кој наредната година ќе го замени Vanquish. Овие три модела ќе бидат придружувани уште со седум нивни деривати кои ќе бидат лансирани до крајот на следната година. Тогаш ќе влеземе во третата фаза која ќе го опфати проширувањето на портфолиото од 2019 до 2022 година. Прв ќе биде DBX, за кој ни требаа и нови капацитети. Разгледавме 20 различни локации низ целиот свет, а завршивме во Велс со стар воен хангар со огромни димензии, кој сега го адаптираме за производство на возила. Паралелно работиме и на изработка на прототипите на DBX, кој како сериски модел ќе се појави до крајот на 2019 година. Имаме и уште три нови возила за кои не зборуваме многу - еден спортски автомобил со централен мотор и два модела на Lagonda.

ДВ: Како се продава DB11? Некаде по медиумите се споменуваа повеќе од 3.000 нарачки… А какви резултати очекувате годинава?

ЕП: Ги продадовме сите за 2017 година, која се надеваме ќе ја завршиме со пораст од 20 отсто, со околу 5.000 единици.

ДВ: Не спомнавте ништо за Rapide. Каде му е местото во вашата визија?

ЕП: Rapide каков што е денес нема да постои во долгорочна иднина, ќе постои уште некое време, уште неколку години, но во долгорочна иднина тој ќе биде DBX или Lagonda. Сегашната Lagonda ќе биде модифицирана и ќе стане нашиот прв електромобил. Rapide интерно го нарекуваме Rapid E и ќе го лансираме во 2019 година во соработка со компанијата Le Eco, попозната како Faraday Future.

Д. В. - Што мислите како визија за електричната иднина на Aston Martin и Lagonda, општо земено и колку брзо ќе биде оваа иднина?

ЕП: Моја претпоставка е дека 20-25 проценти од возилата ќе бидат електрични. Ние во иднина ќе имаме бензински, хибридни и електрични автомобили.

Д. В. - Интересно што никогаш не сте спомнале други погонски технологии, дизел конкретно.

ЕП: Тој е мртов, сигурен сум во тоа. Можеби има иднина кај комерцијалните возила, но не и во автомобилите. Според мене, беше мртов и пред дизелгејт. Хибридните бензинци ќе го заменат.

ДВ: А автономните технологии? Можете ли да замислите еден автономен Aston Martin?

ЕП: Не можам. Она што можам да го замислам е дека, на пример, DB11 веќе има автоматско паркирање, но ние секогаш на возачот ќе му дозволиме да биде возач.

ДВ: До каде е соработката со Daimler? Не се плашите дека во одреден момент ќе бидат заинтересирани да купат сé?

ЕП: Тие поседуваат пет проценти од компанијата и за возврат на тоа имаме пристап на некои од нивните мотори и технологии што мислам дека е навистина добро. Дали ќе нé купат? Тоа не е невозможно, но ако сакаа да го направат тоа требаше пред две години кога бевме евтини.

Интервју со Марек Рајхман

Дан Варди: Ќе ни биде мило да ни кажете малку за себе, за вашето патување низ дизајнот, поточно низ дизајнот на Aston Martin.

Марек Рајхман: Значи, јас сум главен креативен директор на Aston Martin и дел сум од семејството од 2005 година па наваму. Кога се приклучив го имавме DB9, а Vantage штотуку започна да се работи и бев во можност да се вклучам во тоа. Моделот е во и производството денес, кога се впуштаме во она што го нарекуваме нашиот план од вториот век кој предвидува 7 нови автомобили во текот на следните 7 години. Веќе сега ги имаме два, а новиот Vantage ќе го покажеме кон крајот на годинава.

ДВ: Звучи импресивно и ако разбрав правилно, ритамот денес е побрз отколку во минатото. Зошто е така?

МР: Најголемата причина е тоа што сега се наоѓаме во моментот кога сме во состојба да го сториме тоа, скоро три години откако имаме нов директор. Поентата е дека д-р Енди Палмер дојде на чело и ни ја даде насоката што ни беше потребна. Го знаевме потенцијалот на Aston Martin и знаевме дека може да ги исполниме очекувањата, а инвеститорите ни обезбедија половина милијарда фунти за тоа. Затоа и сме способни да се шириме на овој начин.

ДВ: Ако го погледнете дизајнерскиот израз на Aston Martin пред 15 или 20 години и денес, каква е еволуцијата? Ако тоа воопшто е еволуција, бидејќи верувам не сум единствениот што мисли дека тоа е еден вид модерна интерпретација на иконата. Би сакале да го слушнеме вашето мислење, бидејќи сте чувар на гените на Aston Martin во дизајнот.


МР: Тоа е навистина добар начин да се опише она што го правам. Но тоа значи и дека морам да ги развивам тие гени за да преживеат… Синџирот на ДНК се развива за да ги задржи видовите, да ја користиме аналогијата на природата, за гените да бидат релевантни како иден доказ за постоењето, Тоа е револуција во рамките на еволуцијата, или вака да кажам - ние сега сме старт-ап стар 105 години. Големата промена е тоа што дојдовме од компанија способна да произведувате можеби еден или два автомобили до ова што сме сега - со сопствена независност и капацитет да произведуваме релативно големи количини во споредба со порано. тоа каде бевме порано. Всушност за 105 години имаме произведено само 80.000 возила. Значи, ние сме многу, многу ограничен производител на автомобили, ексклузивни и ретки.

ДВ: Vantage и DB11 - кој подобро одговара на Џејмс Бонд?

МР: На Џејмс Бонд дефинитивно му треба Aston Martin, но кој зависи од она што го прави - ако крстари низ Сен Тропе му треба DB11, можеби дури и DB11 Volante за да се вклопи со толпата. Ако пак мора да докаже дека е побрз од негативецот, најверојатно ќе земе Vantage.

ДВ: Ви благодарам, тоа го очекував! Патем, во најновиот филм DB10 што го дизајниравте беше само концепт. Зошто овој автомобил не дојде до реалноста?

МР: Делумно затоа што сакавме во филмот да има уникатен автомобил, така што направивме само 10 од нив, дизајнирани специјално за тоа. Таков беше договорот, дека ќе дизајнираме и направиме автомобил само за Џејмс Бонд.

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 22 Епизода 21

    повеќе

Видео на денот

  • Fisker EMotion

    Ех Тесла, Тесла…

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 68,00
еуросупер 98 69,50
еуродизел Д5 59,50
биодизел Б6 60,00
течен нафтен гас 32,00
метан 32,00

Фото галерии