» Го возевме Opel Grandland X


Opel Grandland X

Дискретен, но впечатлив

Со многу повеќе самодоверба и оптимизам Opel се впушта во новата авантура наречена Grandland X
Објавено на 21 септември 2017 година
автор: Крумислав Барзов
Растечкиот пазар на спортско-корисни возила од една страна и преземањето на контролата од групацијата РЅА од друга страна го исфрли во преден план прагматичниот пристап кој долго време се применува во автомобилската индустрија. Новиот модел покажува дека место под сонцето има за сите, но колкава количина на топлина ќе апсорбира поединецот ќе зависи од снаодливоста и правилното позиционирање.

 Opel Grandland X Grandland X има потполно независен дизајн кој јасно ја отсликува естетската форма на марката од Руселсхајм

Прелевањето на капиталот и сопственоста е нормална работа во економијата. Поминаа неполни два месеца од трансферот на Opel од GM во РЅА, а на пазарот ни пристигна Grandland X, второто спортско-корисно возило кое е развиено во соработка со новите сопственици. Субкомпактниот Crossland X е поставен врз основата на Peugeot 2008, додека популарниот 3008 е донатор на адекватниот претставник на Opel во поголемиот „Ц“ сегмент. Со 4,48 метри Grandland X е долг, повеќе или помалку, како и останатите конкуренти. Сакајќи да покаже дека сé уште сериозно размислува за иднината под раководството на француските сопственици, Opel се потруди да се покаже во најдобро можно светло. Иако со стриктно определен маневарски простор, сепак успеа да покаже дека е способен да направи сериозен производ. Со потполно независен дизајн кој јасно ја отсликува естетската форма на руселсхајмската марка, Grandland X се наметнува со дискретна но впечатлива појава. Нема ниту најмала најава на светкавата и претенциозна надворешност на Peugeot 3008, што мене лично и ми се допаѓа. Насекаде е забележлива флуидноста на линиите кои ама баш со ништо не се поставуваат чаламџиски. Потенцирани се модерните решенија како што се ЛЕД осветлувањето, истакнатата предница и заден дел, но сето тоа остава впечаток на смиреност и чудна привлечност.

 Opel Grandland X Ентериерот е доследно запазен и со задржана класична функционалност позната за Opel

Да бидам искрен, очекував внатрешниот дизајн да поприми некои елементи од донаторот. Peugeot 3008 располага со еден од најатрактивните ентериерни решенија во светот на четирите тркала, дигиталниот i-Cocкpit, кој дава многу простор за графичка визуелизација на стиловите на возење. Иако Grandland X располага со голем централен дисплеј чувствителен на допир на кој се исцртуваат сите функции на автомобилот и навигацијата, сепак дизајнот на внатрешноста може да се окарактеризира како класичен или по принципот на „старата школа“. Тоа се покажа како делотворно по прашање на ергономијата и внатрешниот простор. Имено, седењето на возачот е одлично, додека на останатите места за голема пофалба. Дури е одвоено 514 литри за багажникот чие отворање и затворање може да е преку фото сензор. Комбинациите во ентериерот се бројни, а за пофалба е нивото на завршната обработка и изборот на материјалите во внатрешноста каде доминира ултра модерната PVC пластика.

За движењето, на самиот почеток на продажбата, ќе се грижат два мотори, веќе погодувате, од РЅА. Бензинскиот е со зафатнина од 1,2 литри и 130 коњи, додека дизелот има 1,6 литри и 120 коњи. Тој може да се комбинира со мануелен и автоматски менувач. За хибридната верзија која ќе има електро погон на задната оска сé уште е рано да се зборува. Наскоро Grandland X ќе стане првиот модел на Opel со хибриден погон Најверојатно ќе се појави на пазарот заедно со електронската контрола на однесувањето на погонските тркала Intelli Grip, којa располага со пет пред програмирани однесувања. Тест рутата се состоеше од интересен избор на патишта на кои можевме да ги оцениме манирите на Grandland X. Првенствено тој е наменет за возење на асфалт, а повисокото растојание од тлото е направено од естетско-функционални потреби. На неасфалтирани делници однесувањето е добро а на асфалт повеќе од задоволително.

Прво седнавме зад воланот на верзијата со трицилиндерскиот 1,2 литрен турбо бензински мотор кој на прв поглед делува недоволно за 1,4 тони тешката каросерија. Секој поминат километар возење скептицизмот кон овој мотор бледееше, за да исчезне на крај. Иако мал по зафатнина, неговите 130 коњи и вртежниот момент од 230 Nm кои се добиваат при 1.750 вртeжи во минута се покажаа како добитна комбинација. Работи тивко, без поговор и згора на сé e економичен. Верзијата која ја возев имаше шестстепен мануелен менувач, а во портфолиото постои автоматски со исто толку степени. Доколку се вози култивирано верзијата со мануелен менувач, тогаш потрошувачката не се искачува повисоко од 6,8 литри. Во циклусот јас претерував искористувајќи ги германските автопатишта да постигнам што поголема брзина и да го задржам темпото. Неочекувано лесно се  Opel Grandland X достигнува 160 km/h и за малиот мотор не е проблем да го одржува тоа темпо. На крај просекот на потрошувачката покажуваше 7,8 литри бензин, што според мене е штедливо во однос на темпото со кое возев.



Малиот 1,2 литарски турбо мотор со 130 коњски сили кај Opel Grandland X се истакнува со својата динамичност и економичност

Opel Grandland X

Да не биде запоставена дизелската верзија од 120 коњи и 300 Nm вртежен момент се погрижи верзијата со шестстепен автоматик. Во догледно време, можеби на почетокот на идната година, доаѓа верзијата со осумстепената автоматска трансмисија, со што ќе се заокружи понудата. Комодитетот на возење што го пружаат автоматските менувачи не треба посебно да се опишува. Чуството на лежерност зад управувачот, лесното менување на преносите и ниската потрошувачка искажана во апсолутна бројка од 6,4 литри е повеќе од прифатлива.

Grandland X наскоро ќе биде достапен за домашните поклоници на Opel кога ќе биде обзнанена цената за расположливите изведби. Она што може да очекуваме е да биде поевтин од технолошкиот близнак Peugeot 3008 со адекватна опременост, но не затоа што верзијата на Opel е инфериорна во квалитет, туку затоа што ја нема дигиталната инструмент таблата и комплицираната за изработка централна конзола, елементи кои дополнително ја креваат цената. Несомнено дека Grandland X ќе земе дел од колачот на нашиот пазар не поради позицијата на Opel, туку поради тоа што е производ кој ги исполнува стандардите на автомобилската публика.

основни податоци Opel Grandland X
  1.2 Direct Injection Turbo 1.6 Diesel
зафатнина (cm³): 1.199 1.560
силина (KS/min-1): 130/5.550 120/3.500
вртежен момент (Nm/min-1): 230/1.750 300/1.750
димензии (mm): 4.477x1.906x1.609
меѓуоскино растојание: 2.675
багажник (dm³): 514/1.652
максимална брзина (km/h): 188 189
забрзување 0-100 km/h: 11,1 11,8
потрошувачка (l/100 km): 4,5/6,0/5,1 3,5/4,7/4,0
емисија на CO₂ (g/km): 117 104
 
клучни зборови: возевме, Opel, Grandland X

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 22, епизода 3

    повеќе

Видео на денот

  • Aston Martin DB11 Volante

    И Џејмс Бонд ќе му завиди

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 63,00
еуросупер 98 65,00
еуродизел Д5 51,00
биодизел Б6 51,50
течен нафтен гас 31,00
метан 32,00

Фото галерии

  • Polestar 1

    Како прво, да го разгледаме

    повеќе