» Интервју со Стивен Армстронг, Ford


Steven Armstrong

Интервју со Стивен Армстронг, Ford

Назначен за потпретседател на групата и задолжен за операциите во Европа, Блискиот Исток и Африка пред некој месец, Стивен Армстронг продолжува со несмалено темпо во раководењето со секторите кои му се доделени. Во кој правец, тој самиот ни кажа
Објавено на 19 септември 2017 година
разговорот го водеше: Крумислав Барзов

Како ја проценувате позицијата на Ford денес во Европа?

Бевте сведоци на нашиот огромен напредок во последниве неколку години. Им покажавме на конкурентите дека е можно да се биде големосериски производител на возила со седиште во САД а во исто време профитабилен и во Европа. Среќни сме што нашиот тим направи толку големи чекори - го зајакнавме бизнисот, го направивме посоодветен за да се соочиме со предизвиците пред нас. Гледате и сами од лансирањето на новата Fiesta која е навистина важен производ за нас во Европа. Насекаде добро се продава, а во Велика Британија е бестселер. Горди сме на новата верзија, но нема да застанеме тука - ќе продолжиме со подмладениот Mustang и со локализирањето на EcoSport кој ќе се произведува во Крајова. Имаме убава фабрика таму во која имаме многу доверба за да го произведува ова мало SUV возило со големи измени во однос на неговата верзија што се прави во Индија. Тоа ја докажува нашата посветеност во сегментот што е растечки во Европа. Затоа и очекуваме добри резултати со новиот EcoSport. Ќе продолжиме да инвестираме во нови производи бидејќи на крајот на краиштата нашиот бизнис се врти околу производот. Ако го имаш вистинскиот производ вреди да се бориш, бидејќи на крајот тоа нé издвојува од некои наши конкуренти. Ќе бидеме профитабилни во 2017-та иако имавме некои проблеми мината година заради флуктациите во курсните разлики по гласањето за Брегзит во Велика Британија. Работиме напорно за да се поставиме што е можно подобро и да останеме фокусирани на она што можеме да го покажеме.

Денес во автоиндустријата сé се менува многу брзо. Како го гледате Ford во наредните пет, десет години? Веќе објавивте дека Ford може да стане таканаречен mobility provider, односно давател на транспортни услуги за заедничко користење на возилата. Дали сте сé уште со оваа стратегија и што тоа ќе значи во реалниот живот?


Steven Armstrong Прво, Ford секогаш ќе биде голем производител на секакви возила - патнички и комерцијални и тоа нема да се смени. Во нашето битие е да бидеме голем производител. Но како што се менува индустријата и ние треба да се смениме. Треба да бидеме дел од решението за мобилноста во иднината, а не само обезбедувач на возила. Нашата стратегија за еволуција во просторот на мобилноста е сé уште многу релевантна. Таа ќе придонесе за измени кај нашите модели за да одговориме на побарувањата. Возилата ќе бидат многу повеќе поврзани, а услугите како што е нашиот Chariot Dynamic Shuttle сервис проширени. Ќе го донесеме и него во Европа. За пет години очекуваме проширување на ваквиот бизнис, а за десет уште повеќе.

Што ќе правите со дизел моторите?

Дизелот е важен дел од индустријата воопшто. Посветивме многу време за да бидеме сигурни дека секој дизел мотор одговара на пазарот каде се продава. Така е во моментов, но забележуваме опаѓање во дизел сегментот за околу 6 проценти. Трендот на опаѓање на побарувачката за дизели ќе продолжи, со тоа што клиентите ќе се префрлуваат на возилата со бензински мотори. Затоа сме доста задоволни што имаме голема понуда на мали бензински мотори - на семејството трицилиндрични еднолитарски EcoBoost мотори сега го додадовме и новиот 1,5 литарски. Но дизел моторите ќе продолжат да бидат важни за нашите комерцијални возила. Ние сме лидери во Европа во овој сегмент и дизел моторите ќе бидат главна погонска опција за нашата гама пикапи и комби возила, иако се подготвуваме да лансираме и нивни електрифицирани варијанти.

Ја спомнавте електрификација. Вчера и денес многу беше зборувано за неа. Кој е вашиот став?

Ние глобално ќе потрошиме 4,5 милијарди долари за наредната генерација хибридни и електрични возила. Во наредниот период многу од нашите модели ќе бидат електрифицирани, почнувајќи со лансирањето на целосно електричен кросовер без мотор со внатрешно согорување, што веќе го најавивме за 2020-тата. Во светот на комерцијалните возила пред неколку месеци ја најавивме нашата соработка со StreetScooter за производство на електрични Transit возила за DHL. Со тоа ќе бидеме најголем производител во Европа на електрични ванови, кои ќе бидат на улиците уште годинава. Ја планираме и plug-in хибридната варијанта на Transit Custom која ќе започне да се произведува во 2019-та. Важно е за нас да мислиме за електрификација и на комерцијалните возила исто како и за патничките, бидејќи тие со голем процент учествуваат во сообраќајот во градовите. Тие се важен дел од нашиот бизнис кој мораме да го заштитиме.


Steven Armstrong

Никој не знае каков ќе биде исходот од Брегзит по раскинувањето на Велика Британија со Европската Унија, па затоа како Ford се подготвува за тоа и дали планира да пренесе дел од производството во континентална Европа?

Во право сте - никој не знае каков ќе биде исходот. Имавме многу дискусии со многу луѓе - акционери, официјални лица од ЕУ, од владите на некои земји членки и нормално од британската влада за да се запознаеме која е нивната позиција, да изнесеме дека ние мора да имаме слободна трговија и пристап до ЕУ од Обединетото Кралство бидејќи имаме интегриран производствен систем за возила во Европа и мотори во Британија. Затоа ни е важно да имаме слобода на движење без царински бариери, но исто така и слободен проток на луѓе затоа што има многу талентирани луѓе насекаде што е многу важно за нашиот бизнис. Имаме испланирани сценарија и за излез, и ако работите останат како што се сега. Вистината најверојатно е некаде помеѓу, но ја охрабруваме владата на Велика Британија да ја сподели со нас визијата за транзицијата што е можно побрзо. Важно ни е да си поставиме наши ставови за да останеме конкурентни.

Една од значајните карактеристики на Ford е учеството во мотоспортовите. Кои се вашите планови околу тоа во Европа и светот?

Секако дека ќе продолжиме да инвестираме во нашето перформансно наследство. Го имаме извонредниот Ford GT кој стана врвен спортски продукт и во моментов веќе започна да реди успеси демонстрирајќи го своето тркачко педигре. Голем број луѓе се натпреваруваат со Mustang, а со Fiesta сме присутни и во светскиот рели шампионат. Секако, во САД имаме јаки играчи во NASCAR и другите тамошни шампионати. Сметам дека покажуваме силно присуство од гледна точка на перформансите и дека нашите спортски гени се присутни кај сериските производи. Вие го забележувате тоа во производствените модели како Focus RS кој е навистина најдобар. Тука е и Focus ST, наскоро ќе ја лансираме обновената Fiesta ST, а за оние кои го сакаат спортското а не можат да си ги дозволат навиените мотори, ќе имаме ST линии на опременост. Значи, ќе останеме на патеките можеби не толку колку што некои сакаат, но сепак тие се добро место за да се докаже производот.

Имате доста убава линија SUV модели. Дали ќе ја зголемите гамата и ќе одите нагоре?

Во овој момент немаме план да понудиме поголем модел од Edge, тој ќе биде најголемиот кросовер што го продаваме во Европа. Немаме план, но секогаш ја имаме глобалната гама и во зависност од пазарот „Среќен сум што тимот во Крајова многу добро ја подготви фабриката за лансирањето на EcoSport“можеби и ќе размислиме за пласирање на нешто друго во иднина. Денес сме многу задоволни со тоа како Edge се покажа во сегментот. Исто и со EcoSport, кој е многу важен производ за нас и го надградивме со ентериер како новата Fiesta. Кога сме кај неа, сега ја покажавме и Fiesta Live Active, која има робусен изглед и зголемени теренски карактеристики во однос на регуларниот модел.

А што е со лансирањето на други нови модели?

Во моментов немаме план за нешто друго. На влезното ниво го имаме Ka+ кој многу добро е примен кај конзументите што бараат малку повеќе простор, возилото да има добра вредност за парите и добри перформанси, а не сакаат да одат до Fiesta, така што направивме добра работа со пополнување на таа празнина.

Ford имаше план за нова фабрика во Мексико, но го смени. Дали причината е Доналд Трамп?

Ги сменивме плановите затоа што побарувачката во САД се смени. Ги прегледавме расположливите капацитети во Америка и Мексико и се размислува за реорганизација за да не мора да градиме нова фабрика, туку ќе го прошириме производството во сегашните, што значи не е Доналд Трамп причина, туку сфативме дека треба подобро да се организираме.


Steven Armstrong

Која е иднината на автономните возила во Европа?

Ќе ги имаме првите возила со 4-то ниво на автономност веќе 2020-2021 година, но не и за општа продажба и јавна употреба. Тоа ќе зависи многу од тоа како ќе се развиваат технологиите, ќе зависи како ќе се развива инфраструктурата во градовите и селата, од регулативата… Европа е доста комплицирана во смисла на структурата на градовите, има многу повеќе пешаци и велосипедисти, доста е различна од Америка. Автономните возила ќе бидат важен дел од нашата иднина и затоа многу инвестираме во вештачката интелигенција за да ги добиеме вистинските вештини. Ги тестираме во Америка, а ќе ги тестираме и во Европа за да се увериме дека возилата ќе можат да оперираат во европска средина.

Ќе дојдете ли во Париз догодина?

И покрај порастот во дигиталната комуникација луѓето сé уште сакаат да доаѓаат на салоните за автомобили, па затоа и сме доста присутни на нив. За Париз сé уште не сме одлучиле - ќе зависи од тоа какви нови производи ќе имаме да покажеме. Ќе ја донесеме таа одлука подоцна годинава.

клучни зборови: ексклузивно, Ford

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 22 Епизода 21

    повеќе

Видео на денот

  • Fisker EMotion

    Ех Тесла, Тесла…

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 68,00
еуросупер 98 69,50
еуродизел Д5 59,50
биодизел Б6 60,00
течен нафтен гас 32,00
метан 32,00

Фото галерии