» Peugeot 3008


Peugeot 3008

Добро одмерен, уште подобро спакуван

Појавувањето на нов модел секогаш ја скокотка автомобилската јавност, посебно ако е од етаблирана марка како Peugeot
Објавено на 8 февруари 2017 година
автор: Зоран Коцев

По долгиот период на подготовка за да биде како заслужува, регионалниот импортер Еуроимпекс од Скопје нé повика на презентацијата на новиот Peugeot 3008. Имавме можност на едно место да се запознаеме со повеќе варијанти на францускиот адут во кросовер сегментот. Релацијата до околината на Гостивар можеби не одговараше за ваков тип на возило, но затоа менувајќи се попат можевме директно да споредиме повеќе изведби во исти услови на возење. Секое од возилата што ни беа на располагање се разликуваше по нешто - моторот, трансмисијата, опремата. И за сите мора да кажеме дека се добро одмерени, уште подобро спакувани. Тоа впрочем е резултат на чекањето на Peugeot за приклучок на брзата лента по која се движи европскиот автомобилски пазар. Трендовите ги најавија уште пред доста време, но кросоверите вистински ги нападнаа сетилата на купувачите дури пред некоја година. И додека сите други експериментираа со димензиите, формата или содржината, во Peugeot ги потиснаа амбициите. Како да знаеја дека треба да почекаат, подобро да се подготват и да понудат поконкурентен модел.

Peugeot 3008 Кога се појави, првиот вистински кросовер со знакот на лавот го шармираше автомобилскиот свет

Неизвесноста ги направи купувачите малку нетрпеливи. Peugeot е познат традиционалист и големо прашање беше што ќе подготви. Трендовските форми владееја со понудата на конкуренцијата, која полека го пополнуваше секое пазарно ќоше. Французите мудро постапија и на нивни својствен начин ги споија класичните облици со модерното дизајнерско изразување. Направија атрактивен автомобил, со елегантен и не претерано ексцентричен стил. Суштинската промена во однос на моделот од претходната генерација добро ја знаеме. Ознаката е задржана, но обликот на новото издание на Peugeot 3008 веќе не е подреден на функцијата. Тој не е повеќе моноволуменец, туку кросовер. Заради тоа и директното споредување не би имало смисла.

Цените на Peugeot 3008 на македонскиот пазар стартуваат од 22.490 евра На високо издигнатиот преден дел е всадена вертикална маска, модерно обработена и со агресивни стилски детали. Светлата со својот комплексен облик идеално се вклопуваат со неа и браникот со заводлива форма. Визуелно моќната целината ја комплетира рамната хауба, која од страните надвиснува над карактерната линија на боковите. Таа пак не е засенета од мускулестите рамења, големите тркала и нагласените заштити на вратите. Покривот кој благо се спушта наназад, со засек влегува во задниот столб скриен од погледот. Големата лимена површина на задниот дел е разбиена со црна пластика меѓу светлата, кои пак се ненаметливи но уникатно препознатливи. Се забележува дека пропорциите на силуетата би биле подобри да беше за десетина сантиметри повисок, но тоа веројатно ќе го видиме кај некој иден поголем модел.

 Peugeot 3008

 Peugeot 3008 Peugeot 3008 е еден од ретките на пазарот кој напуштените коцкасти облини повторно ги направи привлечни



Карактерот што изгледот му го дава на Peugeot 3008 никого нема да остави рамнодушен

Во поглед на димензиите, 3008 е долг 4,45 метри што е за нијанса повеќе од директните конкуренти. Тоа се чувствува во внатрешноста, во која има повеќе место отколку што се очекува. За неа патниците на сите седишта ќе поделат комплименти. Во багажникот собира солидни 520 литри, а со соборување на задните седишта три пати повеќе. Изненадуваат темелноста и вниманието посветено на секој детаљ. Ергономските и лесно подесливи седиштата одлично се скроени. Прегледноста и поголемиот простор за нозете на возачот даваат вистинска димензија на новата организација на ентериерот на моделите на Peugeot. Малиот управувач сам легнува во рацете, а оддалечената и подигната инструмент табла е точно таму каде треба - во висина на погледот. Таа како срце на i-cockpit ентериерот е најпривлечното парче напредна технологија во 3008. Замислен со цел да понуди единствено уживање во возењето, веруваме дека тој ќе сврти нова страница во стандардите не само во оваа класа автомобили. Peugeot за i-cockpit сосема заслужено ја доби SmartBest наградата што ја доделува AutoBest, најголемото независно автомобилско жири во светот според бројот на застапени земји. Oригинално спакуван и со ретко успешен дизајн, ентериерот на 3008 е комплетиран со висок квалитет на сите материјали во него. Единствена наша забелешка е предното стакло кое во горниот дел се чини преблиску до возачот. Не пречи во возењето, но чувството е такво.

 Peugeot 3008

 Peugeot 3008 Инспиративниот дизајн на ентериерот покажува колку труд во Peugeot имаат вложено овој модел да го направат таков каков треба




Дигиталниот дисплеј му овозможува на возачот да бира што ќе гледа, а квалитетната графика го покажува тоа на пријатен начин

Новиот кросовер со знакот на лавот е поставен на EMP2 платформата, која го олесни за стотина килограми. Растојанието од подлогата од 22 сантиметри дава храброст за теренски предизвици, иако нема погон на сите тркала. Тоа според нас му е хендикеп во однос на староседелците во класата, но во Peugeot се оптимисти и не се оптоваруваат многу. Grip Control системот помага на лизгави површини, а за деликатни ситуации тука е и Hill Assist Descent Control системот. 4x4 верзија сепак ќе има, но хибридна и на неа ќе се чека уште две години. Дотогаш моторната понуда на 3008 ќе биде сочинета од два бензински и четири дизел мотори. За стартната понуда е задолжен трицилиндричниот 1,2 литарски турбо мотор со 130 коњски сили. На прв поглед мал, тој сепак добро се носи со 3008. Лесно забрзува, уште полесно ја одржува брзината и добро е изолиран. Интересна е комбинацијата со шестстепениот автоматски менувач, кој е единствен избор за посилниот бензинец од 1,6 литри. Во Peugeot сметаат дека неговите 165 коњи доаѓаат до вистински израз само со него. Затоа пак изборот за љубителите на дизелите е поголем. Погонските агрегати имаат зафатнина од 1,6 и 2,0 литри. Првиот доаѓа со 100 и 120 коњи, а вториот со 150 и 180. Петстепен менувач е предвиден само за најслабиот а за сите други шестстепен, по избор мануелен или автоматски. Нам во возењето поголем впечаток ни остави токму автоматската опција. Одлично се согласуваше со познатиот дизел карактер, нудејќи агилност што ретко се среќава во сегментот. Тежината во предниот дел се чувствуваше, но не до мерка со која електрониката не би се справила. А неа ја има во исклучително голема количина. Зависи секако од избраниот пакет опрема, кои ги има четири.

Peugeot 3008 Peugeot 3008 нема 4x4 погон - напредниот Grip Control систем со пет режими на делување е сосема доволен за вакво возило

После ова наше запознавање со него, убедени сме дека новиот француски кросовер добро е подготвен да влета во битката во сегментот кој во последната деценија порасна за шест пати. Но Peugeot цели тој да биде лидер меѓу своите, позиција во Европа која не се лесно достигнува. За тоа ќе му требаат некоја година стаж и веќе споменатиот погон на сите тркала, за кој се надеваме дека нема да биде толку скап како претходникот.

клучни зборови: возевме, Peugeot

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 22 Епизода 21

    повеќе

Видео на денот

  • Fisker EMotion

    Ех Тесла, Тесла…

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 65,50
еуросупер 98 67,00
еуродизел Д5 57,00
биодизел Б6 57,50
течен нафтен гас 32,00
метан 32,00

Фото галерии