» Ford Fiesta :: Забавна и модерна


Ford Fiesta

Забавна и модерна

Во својата четиридецениска кариера, Fiesta се наметна и се одржа во самиот врв на класата. За тоа има повеќе причини, но најголемата е што таа пружа софистицираност на возењето на лимузина спакувана во компактни димензии. Новата генерација на Fiesta нуди одлична мешавина на традиционалното и модерното, па затоа уште пред почетокот на нејзиниот пазарен деби е оценета како наследник кој ќе го прошири досегашното кралевство
Објавено на 31 јули 2017 година
автор: Крумислав Барзов

Конкуренцијата во сегментот „Б“ секогаш била силна, но во последните неколку години таа е застрашувачка. Сите произвoдители имаат свои адути, развиваат сопствени филозофии, вметнуваат модерна технологија и несекојдневен дизајн со единствена цел да ги убедат потенцијалните купувачи дека токму тој автомобил е вистинскиот за нив. Живееме во незаситен свет каде купувачите се охрабруваат да бараат повеќе за своите пари од една страна, а од друга пак марките тие истите купувачи немилосрдно ги класифицираат, им измислуваат модерни имиња и групи за да им кажат што е најдобро за нив. Многу малку автомобили останаа на „главниот курс“ каде се ценат возните својства, употребливоста, ергономијата, еволутивниот дизајн и секако имплементацијата на последните технолошко-конективни трендови. Fiesta секогаш била на врвот на продажните листи и тоа со добри причини. Таа секогаш била со супериорни возни својства во однос на своите ривали и продолжува со истата филозофија зачинета со достапни бројни направи и сигурносни технологии. На дводневното тест возење имав прилика да седнам зад управувачот на три верзии на новата Fiesta кои оставија повеќе од уверлив впечаток на мене.

Каква е новата Fiesta?

Гледана од некои агли, особено од напред, новитетот неверојатно потсетува на моделот што е во заминување. Ford знае што сака да постигне со новата Fiesta и не сака да го загрози досегашниот резултат. Повеќе од 17 милиони продадени примероци од појавувањето во 1976 година се доволен аргумент да нема експериментирања и радикални дизајни. Направени се само скромни растегнувања на димензиите и тоа 71 mm во должина и 13 mm во широчина. Новиот изглед е најзабележлив на задниот дел каде хоризонталните светла креираат поинакви вибрации. Меѓу нив е поклопецот на багажникот чие широко отворање го открива просторот од 303 литри, што е фер понуда во класата. Каросеријата е понудена во две верзии, со пет и три врати. Првата е наменета за практичните (Trend и Titanium) и луксузната Vignale, а втората за спортски ориентираната ST Line.

Поглед внатре

Светли и пастелни бои најдобро ја оживуваат естетиката на каросеријата. Иако надворешниот дизајн на Fiesta е еволутивен, внатрешниот е нешто сосема поинакво, можеби и премногу модерно за Ford. Веднаш во очи влегува централно поставениот осуминчен колор дисплеј во стил на таблет кој е носител на Ford Sync3 конективниот систем, чие работење добро функционира и со андроид, а првично е наменет за „јаболката“. Озвучувањето е одлично со распределување на 10 звучници направено од Bang&Olufsen, за оваа прилика ребрендирано во B&O. Целосната манипулација на повеќето системи во автомобилот се одвива токму преку споменатиот дисплеј. Командувањето на аудио-системот, навигацијата и комуникациите е лесно, интуитивно, проследено со остра графика и одлична брзина на процесорот. Толку околу модерните направи, да видиме какви се класичните. Инструмент таблата има јасна графика и добра прегледност. Истото се однесува на командите за климатизацијата, но и одлично подесливиот мултифункционален волан. Командите за адаптибилниот темпомат се срамежливо скриени од воланот, а севкупниот впечаток е многу добар.


Fiesta ќе остане еден од ретките модели во оваа класа кој ќе се произведува со три и пет врати

Зад управувачот

Со влегувањето во кабината веднаш е јасно дека се наоѓате во еден поинаков Ford. Пластиките се прецизно склопени, на повеќето површини се чувствува мека и гумирана пластика која веднаш ви наговестува дека Fiesta има големи амбиции. Задржано е традиционалното повисоко седење но соодносот на педалите, воланот и палката на менувачот се како лиени, па возачот има одлична позиција и релаксирано чувство во возењето. Сите команди се на дофат на раката и многу лесно се пронаоѓаат при возењето. На тест возењето сите изведби беа опремени со Start-Stop систем, а од моторите на понуда беа еднолитрениот EcoBoost со 140 KS и TDCi од 1,5 литри и 120 КЅ. Секако дека тоа не е целата палета резервирана за Fiesta, но по обавените возења овие две верзии ми делуваат како најлогичен избор.

Новата Fiesta се нуди со широк избор мотори и опременост

Едноставно притискање на копчето и веќе сум во игра. Запознавањето со новата Fiesta беше преку трицилиндерскиот турбо-бензинец од 140 КЅ кој е оној истиот што имаа верзии од 100 и 125 коњи. Самото педигре на EcoBoost генерацијата не остава простор за сомнежи. Лесно ја движи каросеријата, типичните вибрации и звуци за трицилиндерски мотори ги нема и има линеарни забрзувања. Соработува одлично со шестстепениот мануелен менувач давајќи одлично чувство и кога енергично се притиска педалата за забрзување. Можеби му недостасува малку порезонантен звук, но перформансите не изостануваат. Уште една позитивна забелешка е звучната изолација која можеби ја надминува и онаа на поголемиот Focus. Во однос на своите конкуренти во кабината на Fiesta продираат малку надворешни звуци дури и на брзини поголеми од 160 km/h!

Ford стартуваше агресивно со цените на новата Fiesta, кои за нашиот пазар ќе бидат познати наскоро Тоа го потврди и возењето на 1,5 литрениот турбо-дизел од 120 коњи. Поради природата на работењето и палењето на нафтата во цилиндрите дизелите во основа се побучни од бензинците. Но не и во новата Fiesta! Бензинецот го возев во врната Vignale изведба, додека дизелот е во приземната Titanium. Логиката вели дека оваа втората би требало да има полоша звучна изолација. Но праксата го покажа сосема спротивното, а тоа е дека и дизелот е тивок како подморница. Дури делува нереално, особено при поголеми брзини. Најмногу се јавува шум од ретровизорите и кај покривот, но ќе напоменам при брзини повисоки од 130 km/h. Импресивно.

Возењето на новата Fiesta по патиштата околу Виљалоид во целост го покажа нејзиниот потенцијал

Можноста до ја возам Fiesta во сите патни сценарија ми даде едно сосема поинакво искуство на возење мал автомобил. Управувањето, особено на пат со свиоци е одлично како и однесувањето на подвозјето. Да бидам искрен, од Ford секогаш очекувам одлични возни својства, но малата Fiesta ме освои со аргументите кои ги дава. Едноставно таа е мал автомобил по димензии, но вистински џин по возните својства. Тоа го докажа и тривратната ЅТ Line верзија која делува по спортски, но е задвижувана со истиот трицилиндерски мотор од 140 коњи. Потпирањето е изразено потврдо, но реакцијата на командите иста. Дава поспортско чувство во возењето но наменето е на оние кои сакаат да се разликуваат од другите. Во исчекување е верзијата ЅТ која ќе има 1,5 литрен турбо-бeнзинец и 200 коњи, за која ќе треба да се стрпат заинтересираните до следната година.

Trend, Business, Titanium, ST Line, Vignale..?

На кривулестите патчиња околу Виљалоид поради нереално слабиот сообраќај, во делници од 50-тина километри се разминував со одвај три-четири автомобили, имав можност да ги доведам возените верзии во крајни граници. При тоа се истакнаа седиштата кои одлично го поддржуваа телото. Наскоро Fiesta ќе биде претставена и на нашиот пазар. Се разбира дека изборот на мотори ќе биде поголем. Од бензинците ќе се приклучи четирицилиндерскиот од 1,1 литарска зафатнина со сила од 70 и 85 КЅ, генерацијата EcoBoost ќе ја има во верзии од 100, 125 и споменатите 140 КЅ а 1,5 литрениот TDCi во верзии од 85 и 120 КЅ. За најслабите бензинци резервиран е мануелен петстепен менувач, додека за останатите шестстепена мануелна или автоматска трансмисија како опција. Нив ги краси економичност. Во тек на тест возењата со бензинецот забележав просечна потрошувачка од 6,5 литри, додека со дизелот 5,1 литар и тоа со динамично возење. Според мене изборот на мотори е јасен, единствена дилема е цената на нивоата на опременост. За жал, во Шпанија не беа присутни примероци со почетното Trend и разумното Business ниво на опременост. Сепак рационалниот луксуз понуден во Titanium е добра мерка за извонредна забава со и онака темпераментната Fiesta. Младешко-спортскиот ST Line изгледа интригантно и атрактивно. Оние кои сакаат да бидат далеку поразлични од другите возачи на Fiesta, но и да внесат персонална нота во својата журка на тркала од се срце го препорачувам господското и префинето Vignale уредување, кое има и адекватна цена. Мое лично мислење е дека возачот и на најевтината верзија на Fiesta нема да биде лишен од сестраноста на моделот и загарантираната насмевка зад управувачот.



Fiesta не е најбрз автомобил на светот, но може брзо да се вози

клучни зборови: возевме, Ford, Fiesta

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 22 Епизода 21

    повеќе

Видео на денот

  • Fisker EMotion

    Ех Тесла, Тесла…

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 65,50
еуросупер 98 67,00
еуродизел Д5 57,00
биодизел Б6 57,50
течен нафтен гас 32,00
метан 32,00

Фото галерии