» Ја возевме Honda Civic Type R :: Двојната персона никогаш не била попривлечна


Honda Civic Type R

Двојната персона никогаш не била попривлечна

Објавено на 18 септември 2017 година
Автор: Крумислав Барзов
Новата генерација на Civic Type R е симбиоза на силно посакувани квалитети и дискутабилен пристап на дизајнот чија посветеност дури и на најмалите аеродинамични решенија направи да се кршат копјата на темата колку и дали е воопшто потребно еден „цивилен“ автомобил да има изглед така посветен на перформансите?!

Веднаш, уште на првата дилема околу дизајнот, доаѓа во преден план податокот дека Honda Civic, токму оваа со која се соочувам, на патеката наречена „Зелениот пекол“ го надмина резултатот на претхоничката за цели седум секунди! Нордшлајфе на Нурбургринг е совладана за 7 минути и 43,8 секунди што е подобар резултат и од досегашниот најбрз сериски произведуван автомобил во класата, Volkswagen Golf Clubsport S! Секоја чест за Honda, но дали како „цивилен“ корисник ќе имам фајде од овој податок или подобро кажано капацитет? По краткото по километри тест возење (круг од 55 километри во отворен сообраќај и малтретирањето во кругот на Академијата на Honda) мислам дека можам одговорам на прашањата кои сам си ги поставив.

 Honda Civic Type R Инженерите на Honda успеаа да направат автомобил со истакнати атлетски можности подеднакво употреблив во секојдневното искористување

Новата Honda Civic Type R од технички аспект има поголеми сопирачки, дволитрениот турбо-бензинец е сега посилен за 10 КЅ со што има вкупна вредност од 320 коњи и 400 Nm вртежен момент, доволни за максимални 270 km/h и совладување на спринтот до стотка за 5,8 секунди. Дека не станува збор само за третман со стероиди покажува податокот дека каросеријата е за 37% поцврста во однос на претходникот. Таа е паралелно развивана со онаа на „цивилниот“ Civic, а поради напрегањата на кои може да биде подложена покажува поголема цврстина. Јас нема да се задржувам да дизајнерските решенија. Постирав неколку фотографии на социјалните медиуми и добив дијаметрално спротивни коментари. Honda Civic Type R спаѓа во групата на автомобили кои или ги сакате или не! Се согласувам со мислењето дека е премногу дизајнирана и дека е накитена со премногу детали, но исто така се сложувам со мислењето дека и најмалата облина има своја функција. Огромниот заден спојлер дава зголемен потисок кон тлото на каросеријата која е продолжена и има поголемо меѓуоскино растојание. Трите издувни цевки се доволно предупредување за она што лежи под хаубата. Поставена на 20-инчни тркала делува како да е дојдена од друг свет, но сосема добро се вклопува во овој нашиот. Изненадувачки е колку Civic Type R скротено и култивирано се однесува во сообраќај Со сила од 320 коњи очекувано е да има погон на сите тркала, но инженерите се одлучија да останат погонски само предните. Поради тоа направени се адекватни зафати на предното MacPherson потпирање со двојни оски. Конвенционалната оска при управување целата се движи и при тоа се јавува растојание помеѓу оската и тркалото, појава која лошо влијае на управливоста. Со двојна оска таквата појава се избегнува поради малото растојание помеѓу центарот на тркалото и оската, па вртењето е поефективно и прецизно на големи брзини.

Внатрешноста е далеку поразбирлива отколку надворешниот изглед. Нагласени спортски седишта, пријатен амбиент, сосема добар комфор и ниско поставено возачко седиште. Комбинаториката на дигитални и аналогни прикази на инструмент таблата го потенцира јапонскиот пристап во Grand Tourismo сегментот. Веднаш под рачката на мануелниот шестстепен менувач е прекинувачот за избор на еден од трите модуси на возење. Започнува со Sport кој е стандарден избор,  Honda Civic Type R опкружен со Comfort и +R. Со притискање на копчето за старт и се случува земјотрес со контролиран интензитет. Резонантен звук се шири наоколу Civic Type R, најавувајќи дека ѕверот е буден и подготвен за акција.


За разлика од екстериерот кој предизвикува дијаметрално спротивни мислења, внатрешноста на новиот Civic Type R целосно е подредена на неговата функција

Honda Civic Type R

Силниот звук се јавува само при високи вртежи, извонредно лесно се управува и во ниту еден случај не се буни кога се вози на мали вртежи во поголем пренос на менувачот. Еластичноста е забележлива и при забрзувањата. Сепак ваквите автомобили не ве оставаат да имате латентен пристап кон возењето. Еднаш кога ќе го слушнете грмењето на моторот, пукањето на издувните гранки кога се одзема забрзувањето и ќе го почувствувате ефектот на сопирачките, тогаш од доктор Џекил се претворате во господин Хајд. Ја користите секоја можност да згазнете на педалата за забрзување за да се испровоцира предмалку опишаната верижна реакција. Тогаш се наоѓате во центарот на вниманието на минувачите и возачите на другите возила. Иако ваквото однесување се класифицира како вулгарно, сепак со симпатии се оправдува од публиката додека не ја загрозувате безбедноста во сообраќајот. На автопат аргументите на Civic Type R му овозможуваат доминантно однесување и километри поминати во доминација во левата лента. Една делница вон автопатот беше исполнета со свиоци и беше како нарачана да се испробаат динамичките својства во електронски поддржаниот модус на возење +R. Повторно во прв план доаѓа дволичниот карактер на возилото. Седењето е комфорно, возачот се наоѓа во цврстата прегратка на седиштето, а графиката на мерачот на вртежите силно заруменета и звукот на моторот ве тераат да „стискате“ колку ви дозволува храброста, а однесувањето на каросеријата изненадувачко.

 Honda Civic Type R Иако Civic Type R на повеќе пати покажа дека има двојна персоналност, тоа е во служба на неговата многунаменост

Во оваа класа возила обично морате да се борите со возилото особено кога сакате да ги почувствувате крајните можности. Кај Civic Type R е сосема поинаква атмосферата. Управувачот послушно ги следи командите, до израз доаѓа тврдоста, одличната избалансираност на каросеријата но и аеродинамиката. Автомобилот оди како по шини и само неколку пати почувствував дека електрониката се меша во задоволството. Во овие ситуации се гледа предноста на огромниот заден спојлер или пак до ситници развиените аеродинамични водови на воздухот. Тие произведуваат потисок кој ја „заковува“ каросеријата и и дозволува да биде поимуна на дејството на законите на физиката. Уште поголемо одушевување постигнав на кусата полигонска патека во рамките на Академијата на Honda. Иако лиеше дожд како од кабел јас бев охрабрен да провоцирам. Имав изолирани услови на возење, па ризикот беше само по мене и возилото. Сепак бев само уште повеќе импресиониран од Civic Type R. Тој со право ќе го носи епитетот „жежок“.

Инженерите на Honda успеаа да направат автомобил со истакнати атлетски можности подеднакво употреблив во секојдневното искористување. Можеби автомобилските фанатици ќе дебатираат зошто нема погон на сите тркала или пак зошто нема автоматски менувач. По еднодневното другарување дојдов до едноставен заклучок по овие прашања. Затоа што не му требаат!

 основни податоци Honda Civic Type R
 мотор: 4 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, турбо компресор, 1.996 cm³, 320 KS при 6.500 min-1, 400 Nm при 2.500-4.500 min-1
 трансмисија: мануелен менувач со 6 степени, погон на предните тркала, пневматици со димензии 245/30 R20
 каросерија: хечбек со 5 врати, 4.557x1.877x1.434 mm, меѓуоскино растојание 2.699 mm, тежина 1.380 kg, максимална тежина 1.760 kg, багажник: 420/1.209 dm³, резервоар 46 литри
 перформанси: максимална брзина 272 km/h, забрзување 0-100 km/h за 5,7 секунди, потрошувачка отворен пат/град/просек 6,5/9,8/7,7 l/100 km, емисија на CO₂ 176 g/km

 

клучни зборови: возевме, Honda, Civic

Гледај, слушај, уживај

  • Авто Магазин

    Сезона 22, епизода 12

    повеќе

Видео на денот

  • Lamborghini Urus

    Суперспортист во кросовер тело

    повеќе

Цени на горивата

еуросупер 95 66,00
еуросупер 98 67,50
еуродизел Д5 54,50
биодизел Б6 55,50
течен нафтен гас 33,00
метан 32,00

Фото галерии

  • Aston Martin Vantage

    Распродадено!

    повеќе